четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

КОД: Јанева земала105.000 денари плус таен надоместок, Јовевски е државен обвинител со 80.000 денари плата

КОД: Јанева земала105.000 денари плус таен надоместок, Јовевски е државен обвинител со 80.000 денари плата

Тајниот надоместот на специјалните обвинители поради доверливост е во висина на нивните плати и додатоци за ризик, открива КОД во своето последно издание. Надоместокот се дава и на стручните соработници. Целта на надоместокот е заштита на приватноста на лицата чии разговори се дел од бомбите.

Висината, сумата на надоместокот не се открива бидејќи е службена тајна и се исплатува врз основа на доверливи договори потпишани со сите чија задача е преслушување на бомбите, односно нелегално снимените телефонски разговори.

Извори на КОД од СЈО тврдат дека овие надоместоци се предвидени преку Законот за СЈО со член 15 во кој под опис на трошоци покрај платите се наведени и надоместоци за обвинители и стручни соработници. Исплатата се врши преку буџетска ставка за договорни услуги, а така било одобрено од Министерството за финансии уште во 2015-та во времето на министерот Ставревски, веднаш по формирањето на СЈО и пристигнувањето на бомбите во специјалното обвинителство, објаснуваат изворите на КОД.

Приватниот живот во „Бомбите“ заштитен со договори за тајност

Секој од СЈО кој имал пристап до телефонските разговори и до содржината на бомбите имал потпишано договор за заштита на приватните и деловните податоци кои можеле да ги слушнат при обработката на материјалите. Покрај тоа со потпис на Јанева е донесена и одлука за тие договори која е класифицирана.

Во договорите стоело дека „имаат обврска за почитување на принцип на тајност и посебна заштита на приватноста на граѓаните на РМ и на други лица, поради природата на материјалите кои се дадени во работа, а со посебен акцент на заштита на приватноста на секое лице, на неговиот личен и семеен живот.“

Со договорот биле предвидени и заштитни мерки, обвинителите и стручни соработници подлежат и прифаќаат кривична одговорност доколку откријат детали кои се од приватна, семејна или деловна природа, а не се поврзани со сомнителни криминални дејства. Обврската за почитување на тајните е трајна, а доколку се прекрши обврската потписниците од договорот се должни да ги вратат парите добиени со надоместокот.

Јанева немала потпишано договор, бидејќи не смеела да си потпише самата со себеси како претставник на СЈО. Не е познато дали Јанева или некој друг го имаат прекршено договорот. Упатените тврдат дека овој надоместок придонел да не се пробиваат истрагите на СЈО и да се шират информации во јавноста за нив или за содржината на бомбите. За оние бомби кои беа објавени изминатите неколку месеци, во СЈО тврдат дека по извршената проверка еутврдено дека тие разговори не се земени од сефот на СЈО.

Јанева со поголема и плата и надоместок од Јовевски

Според пресметките платите во СЈО се состојат од три дела. Плата со стаж. Додаток за ризик и доверливост. Надоместок за тајност на преслушаното и бомбите.

Парите колку добивале според таа трета ставка, изворот на КОД не сакаше да ја открие бидејќи станувало збор за различни суми и различни степени на тој надоместок. Најмногу добивала специјалната обвинителка која имала пристап до содржината на сите бомби.

Потоа надоместок добивале и десетте обвинители кои имале пристап до содржина на бомбите од предметите кои ги работеле. Најмалку добивале стручните соработници кои имале за задача да ги преслушуваат материјалите, да откриваат индиции и докази за криминални дела и да им ги посочат на обвинителите, а исто така да определат и кои разговори снимени во петтата управа на УБК се приватни или деловни, непотребни за истрагите на СЈО. Иако никој не сакаше да ни каже точна сума, сознанијата на КОД се дека од тој трет столб заштита на тајност вработените во СЈО добивале сума приближна на платата и додатокот за ризик.

КОД ги пресмета примањата на Јанева. Првата ставка, плата се определува со коефициент. Како пример ќе го пресметаме приходот на Специјалниот обвинител кој според законот за СЈО има 10 проценти помала плата од државниот обвинител.

Платата на државните функционери, обвинители и судии се пресметува преку коефициент кој се множи со просечна плата утврдена на годишно ниво. Вредноста на коефициентот е една просечна плата односно 26.755 денари бруто вредност, а тоа според македонските закони и правилници е просечна плата од 2014-та.

Бидејќи државен обвинител има коефициент 3,7 односно толку просечни плати, излегува дека Јовевски има бруто месечна плата од речиси 99 илјади денари (98. 993,5 денари), а на специјалниот обвинител таа изнесува 89.094 денари. На тоа се додава минат труд или од стаж за секоја година по пола процент. Јанева е вработена 21 година и на нејзиниот досега пресметан приход се додаваат уште 10, и пол проценти или 9.354 денари и бруто месечна плата изнесува околу 98 илјади денари (98.448). Кога ќе се одбијат даноците, олеснувањата и придонесите излегува дека платата на Јанева е околу 70-тина илјади денари. Но тоа е само првиот столб. Во СЈО за разлика од другите обвинителства не се делела средства за дежурства и прекувремени работни часови.

Затоа пак се делел додаток за зголемен ризик и доверливост.  Тој додаток може да изнесува 35 проценти од бруто плата. Беше воведен со измени на законот за плати на јавни обвинители во јануари 2016-та. Тогаш СЈО веќе беше формирано, останатите обвинители во системот на државното обвинителство беа незадоволни од висината на платите на колегите во СЈО и по тој контролиран бунт, тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски избоксува додатоци за сите. Па и за обвинителите на СЈО формирано да го расветли криминалот на функционерите.

И така Јанева на своите 70 илјади доби и додаток од 34. 454 денари и месечно примањата и се качија на околу 105 илјади денари. Тоа се првите два столба.

Од друга страна останатите десет обвинители во СЈО имаат плати исти како обвинителите во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција раководено од Вилма Рускоска. Коефициент 3, 2 или околу илјада евра плата плус минат труд во зависност од стажот на секој обвинител и кога ќе се додаде 35 проценти ризик и доверливост излегува дека преку тие две ставки обвинителите на СЈО добивале помеѓу 80 и 85 илјади денари приходи месечно.

На овие приходи треба да се додаде уште една состојка, тајниот зајавноста надоместок. Третата ставка која е во висина на платите (Јанева околу 105 илјади денари, останатите обвинители во СЈО помеѓу 80 и 85.000) е тајна и доверлива информација и сега никој не може да ја декласифицира.

Државниот обвинител Љубомир Јовевски во изјава за КОД рече дека не знае колкава е платата на Јанева, но дека неговата е околу 80 илјади денари со минат труд односно процентот за стаж.

ИЗВОР:КОД

 

Најнови вести