Според извори од истрагата за случајот Рекет од кај Катица Јанева покрај аголната гарнитура се одземени три телефони Ајфон со три сим картички, усб уреди, компјутери, лап топи и меѓу другото и една чанта Луј Витон на која со злато се изгравирани нејзините иницијали КЈ. До овие информации дојде екипата на КОД.
За вештачењето на апаратите кои се производство на американската компанија ЕПЛ, обвинителството побарало меѓународна правна помош од САД.
Од домот , пак на Боки 13, 5 дена се вршело претрес и запленетите работи неофицијално со камиони биле изнесувани од адресата во населбата Орман. Покрај пари биле запленети луксузен мебел, теписи, 70 пара брендирани очила, околу 120 чанти и 71 вреќа скапа брендирана облека. Запленети се и уметнички слики на познати автори како Личеновски, Мартиновски, Коџоман и други.
Во списокот на докази од обвинителството има записници од сослушување на 14 сведоци и записници од распит на уште три жени кои даваат потребни известувања за случајот, дознава КОД. Исказот кој што Катица Јанева го даде ден пред да биде уапсена го нема на списокот материјали во обвинителниот акт за случајот Рекет.
Прва која што дала исказ како сведок во истрагата е М.Б. уште на 29 мај. Нејзиното име е наведено и во обвинителниот акт. Таа е девизен референт во Орка Холдинг, а нејзините раце се гледаат додека се пакува милионот евра во Луј Витон чантата.
Втора која давала исказ е сведокот А.К., сопруга на Орце Камчев која дала половина милион евра на Боки 13 како прва рата уште во декември 2018 година.
Меѓу останати сведоци се бизнисменот Зоранчо Митровски, почесен конзул на Латвија, бизнисменот Томе Главчев од Гевгелија сопственик на фирма опфатена во случајот “Поштенска Банка“ и Виктор Доневски долгогодишен менаџер во фирми на Орце Камчев.
Како сведоци искази даваат и обвинителите од СЈО, Лиле Стефанова која го води случајот Империја, Бурим Рустеми чија истрага е случајот Поштенска банка, заменичката на Јанева Елизабета Јосифовска. Како сведок во обвинителниот акт се појавува и Сања Димовска која е шефица во кабинетот на Јанева. Од жените кои даваат информации за истрагата е Мери Дика Ѓорѓиевска, судијка во скопскиот апелационен суд, чија сестра Агапи е дел од Меѓународниот сојуз, која исто така е дел од истрагата за рекетот.