Државната компанија ЕЛЕМ вработува пет луѓе, Министерството за финансии објави оглас за шесторица. Двата огласи се од последните два дена. Претходно, огласи за вработувања имаше и Агенцијата за државни патишта и тоа во неколку наврати. Дали за овие вработувања има реална потреба или институциите се полнат со партиски кадар? Домашната експертска јавност се согласува оти Македонија тешко излегува од кругот, секоја партија да вдомува „свои“ на места во државната администрација, што пак таа ја прави гломазна и неефикасна. Моментно поради законски ограничувања, новите челници не можеле да ги сменат и некои од раководителите поставени од претходната власт, длабоко заседнети во фотелјите, пишува порталот Фактор.
Професорот на Правен факултет Димитар Гелев за „Фактор“ вели дека процесите кои сите ги забележуваат, да се примаат нови луѓе, а старите таму да остануваат само зборува дека во земјата можеби и не постои повеќе партиски систем, туку повеќе има тепачка за пари во како што вели, една исцрпена, осиромашена и урнисана земја.
МАСКА ДЕКА НАПРЕДУВАМЕ
„Разните “современи услови“ за прием на работа во администраијата како потврди за познавање странски јазик, полагање испити, конкурси итн. не се ништо друго оствен маскирање на старите удбашки норми за морално-политичката подобност и полициски сертификати “за безбедност“ во земјата што на едни се применуваат, а на други не, и служат само како маска што треба да и покаже на некоја Европска комисија дека “секој ден во секој поглед ние само напредуваме“. Но во основа сите јавно-правни прописи се само обични кулиси што маскираат еден длабоко вкоренет еднопартиски систем. Тоа може да го види секој нормален правник кој ќе прочита било кој пропис за државната администрација, за разните јавни претпријатија, служби, агенции, државни комисии, трговски друштва во државна сопственост“, вели Гелев.
ЕЛЕМ бара тројца хигиеничари за плата од безмалку 17.000 денари без искуство. Но на огласот се бара и референет кој ќе ги подготвува меѓународните тендери, а од кандидатот се бара да знае странски јазик и да има едногодишно искуство.За него платата е над 35.000 денари. Вработуваат и нов референт за подготовка на договори за јавни набавки, за кого е потребно искуство од две години.
Но не само оваа државна компанија. За испразнети места пополнуваат позиции и други министерства. Сепак познавачите се согласуваат дека не секогаш за работното место столчето останало празно.
НОВА ВЛАСТ СТАРИ РАКОВОДИТЕЛИ
Партиски членови коментираат дека членството во партијата секако го доживуваат како можност за вработување. Дел од тие кои сега се членови на СДСМ коментираат дека и покрај тоа што дошле на власт не успеале да влезат во некоја институција оти местата се зафатени од кадри од претходната власт па процесот оди тешко. Во некои Министерства, велат извори на „Фактор“ клучни одлуки носеле луѓе кои се поставени таму од порано затоа што и процесот на замена е законски ограничен, па наводно тоа дури во некои моменти ја блокирало работата на институцијата во некој дел. Но тоа не го менува фактот дека администрацијата само се трупа со нови луѓе.
„Денес администрацијата е превработена. Таа е во ситуација во која пред 1990 година се наоѓаше стопанството во земјата. И бидејќи партијата се “додворува на народот“ обично во такви времиња не сака да биде виновна за “нужните отпуштања“ од работа, па таа задача ја препушта на странци. Странски консултанти, Светска банка, ММФ или Брисел сеедно. Тоа што го гледавме кај фирмите во 1990 година сега ќе дојде кај администрацијата, во некоја друга форма. Се е исто само што “тој што го бара тоа е некој друг“. Но за разлика од 1990 година кога имаше многу повеќе луѓе што со своето знаење можеа да ги ублажат “глупостите на претходните генерации“, она што денес го гледаме или она што до вчера го гледавме на политичката сцена не води кон заклучокот дека има многу мали надежи за било какво ублажување на она што следи“, вели Гелев.
Тој смета дека треба да се направат темелни реформи, но тврди оти моментно нема кој тоа да го стори. Вели дека сега власта почна да ги реформира извршителите што според него е цинично смешно. Затоа вели, земјата ќе го плати данокот на сопствената глупост.
Инаку според пресметките, во државната администрација работат околу 140.000 луѓе. Извештај на МЦМС покажа дека 62 отсто од граѓаните сметаат дека службените лица се вмешани во корупција. Дури 18 отсто од јавноста има мислење дека сите административци се коруптивни.