Неодамна Владата донесе уредба со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба. Со оваа уредба со законска сила се уредува ограничувањето на исплатата на додатоци и надоместоци на плата на вработените во органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, институциите кои вршат дејности од областа на образованието, културата, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот и во институциите кои вршат работи од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, регулаторни тела со јавни овластувања утврдени со закон, јавни установи и јавните претпријатија основани од државата или од општините, од Градот Скопје и од општините во Градот Скопје и акционерските друштва во целосна сопственост на државата, за време на траење на вонредната состојба. На вработените опфатени со оваа уредба со законска сила не им се исплатуваат додатоци и надоместоци на плата согласно закон и колективен договор, за време на траење на вонредната состојба.
Одредбите од оваа уредба со законска сила не се однесуваат на медицинскиот и помошно-технички персонал во јавните здравствени установи, припадниците на полицијата и на армијата.
Со стапување во сила на оваа уредба се прави кратење на надоместоците и додатоците на плата и за вработените во државните компании за производство и пренос на електрична енергија АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО.
Согласно член 105 , став (3) од Законот за работни односи ( „Службен весник на РМ“ бр. 158/10), платата се состои од три компоненти: сновна плата, дел од платата за работна успешност и додатоците.Додатоците на плата се определуваат за посебни услови на работа и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, работа на дежурство, продолжена (прекувремена) работа, работа во недела и на празник, како и додаток за работен стаж.
Како оваа уредба ќе се одрази на работниците директно вклучени во производството и преносот на електричната енергија?
Знаејќи колку е важно непрекинатото производство и пренос на електрична енергија во вакви услови на вонредна состојба, се поставува прашање зошто токму овие работници не се изземени од примената на уредбата?
Уредбата најмногу ќе се одрази на голем број на вработени во АД ЕЛЕМ кои се директно вклучени во процесот на производство на електрична енергија во РЕК Битолакако и сите Хидроцентрали во сопственост на АД ЕЛЕМ. Тоа се работници кои работат во смени, без оглед дали е празник или делник, работници директно вклучени во процесот на производство на електрична енергија во Термоцентралите на РЕК Битола. Исто така оваа уредба негативно ќе се одрази на сите вработени кои деноноќно се грижат да не запре процесот на производство на електрична енергија, работејќи во смени во рудникот и на депониите за јаглен во РЕК Битола. Нешто помал број вработени ќе ја почувствуваат оваа уредба во преносниот систем оператор – АД МЕПСО, каде освен во службите за одржување,работа во смени има и во Националниот диспечерки центар, кој се грижи преносот на електричната енергија да се одвива без проблеми константно 24 часа, без оглед дали е празник или делник.
Дали Владата нема чувство во какви услови работат овие луѓе?Дали нивното секојдневно работење во услови на пандемија од КОВИД-19 не е доволно важно за државата, па Владата не можешеда ги изземе од примената на уредбата?
Реакцијата на Самостојниот Синдикат на работниците од Енергетика, Рударство и Индустрија на Македонија – (ССЕРИ ), објавена на нивната web-страна покажува дека заради оваа уредба кај работниците во РЕК Битоа кои работат во смени, на празници и во недела ќе се направи загуба од 20-40 % од основната плата, во зависнот од годините на стаж на работникот. Кај работниците кои работат канцелариска работа без да одат во смени, ваквата загуба ќе биде многу помала, т.е ќе се сведе само на загуба на додатокот за работен стаж.
Вработените во енергетскиот сектор несебично го даваат својот придонес во компаниите за производство и пренос на електрична енергија. Тие се деноноќно на своите работни места со цел непрекинато снабдување со електрична енергија на потрошувачите. Во една ваква комплексна состојба на пандемија, од огромна важност е овој сектор непречено да ги врши своите работи. Поради тоа од огромна важност е Владата да го осознае значењето на оваа група работници, директно вклучени во производството и преносот на електричната енергија и да ги изземе од примена на уредбата.
Заштедата на државата кога ќе се скратат додатоците за овие вработени би била минорна, во споредба со значењето на овие средства за работниците кои се директно вклучени во производниот процес. Да не заборавиме дека ова се работници кои ревносно се справуваат со сите предуслови на пандемијата, работејќи во екстремно тешки услови на работа ( прашина, бучава, сонце, дожд и сл.), за сите македонски граѓани да може непрекинато да добиваат електрична енергија во своите домови.
Затоа во Уредбата можело да се направи поинаква конотација и во делот каде се опишува на кои категории вработени се однесува истата, да стои: „сите акционерски друштва во целосна сопственост на државата, со исклучок на акционерските друштва во целосна сопственост на државата за производство и пренос на електрична енергија.
Додека трае вонредната состојба поради пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, можеби е поумесно во државните компании за производство и пренос на електрична енергија да се прекинат договорите за привремени вработувања, склучени преку разни агенции за привремени вработувања. Овие нововработени најчесто не се од голема полза за производниот процес бидејќи тие се вработени во периодот пред да се распишат изборите и кај нив недостасувапотребнотоработно искуство за производниот процес. Затоа е подобро,со цел да се намали дефицитот во Буџетот, кратењето да се направи со намалување на финанските средстваза привремени вработувања, отколку да се крати од работниците во редовен работен однос, кои имаат огромно работно искуство и кои се навистина значајни за производството и преносот на електрична енергија, како енергетски гранки од огромна важност во периодот на пандемијата.
м-р Елена Маркова-Велинова