недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Мартин Стојановски – „Карактеристиките на современото политичко дејствување“

Колумна на Мартин Стојановски – „Карактеристиките на современото политичко дејствување“

Современото политичко дејствување како одговор на постојаните променливи и динамични политички процеси, мора постојано да се развива и да се прилагодува на новонастанатите состојби, но и да се позиционира прецизно во однос на предизвиците кои се пред него и во исто време конзистентно да ги застапува своите вредности и идеологија.

Доколку го анализираме самиот поим „политичко дејствување“, можеме да го разбереме на два начини, како екстензивен и интензивен процес. Екстензивното политичко дејствување вклучува дејствување на сите нивоа на политичко организирање и преземање одредени активности во различни средини. Па така, како екстензивен политички пристап се смета дејствувањето на ниво на месна заедница, на општинско ниво, на републичко ниво, на регионално и на меѓународно, па дури и во одредени неполитички организации каде би сакале да оствариме влијание, како на пример синдикати, здруженија на граѓани и слично. Екстензивното политичко дејствување се карактеризира со присуство во сите овие средини и во суштина е еден квантитативен политички пристап, за кој се потребни многу човечки ресурси, но и многу логистичка поддршка.

Од друга страна, стои интензивниот пристап кон политичко дејствување, кој за разлика од квантитативниот пристап на екстензивното политичко дејствување, се потпира на квалитативен пристап, кој треба да овозможи регрутација на најдобрите кадри во своите соодветни полиња, кои треба да креираат одредена стратегија и методологија за политичко дејствување, која подоцна ќе треба да послужи како патоказ кон ширење на идеологијата, вредностите, проектите и активностите на политичката организација.

Квалитативниот пристап во многу поголема мера се потпира на науката и технологијата за разлика од квантитативниот пристап чија главна карактеристика е присутноста секогаш и секаде. Во денешниот свет на технолошки развој и глобализација, но и се поголемиот степен на апатија, незаинтересираност и демотивираност кај луѓето да се ангажираат политички (особено младите), многу е тешко да мотивирате голем број на луѓе, кои ќе ги задоволат потребите на екстензивното политичко дејствување. Од друга страна, добро испланиран научен пристап, кој ќе се потпре на методите на анализа, дедукција, индукција, анализа на случај и слични, може многу добро да ги согледа состојбите и да предложи одредени решенија кои би се покажале како многу практични, економични и ефикасни за остварување на политичките цели.

Токму затоа, мислам дека политичкото дејствување треба да почне да се гледа како научна дисциплина за да може соодветно да се проучат сите релевантни прашања кои би биле од значење за негова ефикасно. За почеток, потребно е да се разработат научните и сознајни категории, поими, принципи и вредности од чиешто познавање и проучување ќе зависи успехот на конкретни сознанија кои се добиваат во однос на квалитетот во функционирањето на политичките организации во конкретни политички системи. Кога ќе се добијат овие почетни сознанија, дури тогаш може да се почне со подготовка на стратегија и методологија на дејствување.

Секоја современа политичка организација мора да направи напори да се прилагоди на современите услови и побарувања на водење политика и зголемување на своето влијание и доверба.

Колумна на Мартин Стојановски за САРИСА

Најнови вести