вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Перчо Божиновски: Останаа само илузиите за успешен почеток на учебната година, потребен е спас на образовниот систем

Колумна на Перчо Божиновски: Останаа само илузиите за успешен почеток на учебната година, потребен е спас на образовниот систем

Во ова страшно време на пандемија, судбината нè научи дека сè е непредвидливо и дека треба да бидеме подготвени да се соочиме со предизвиците. Пандемијата нè научи дека професорите и учениците мора да поседуваат одредени вештини како што се вештини за решавање проблеми, критичко размислување и што е најважно прилагодливост, за да ја преживеат и здравствената и образовната криза. Она што треба да го избегнеме или да го минимизираме што е можно повеќе е тие разлики да се прошират и да предизвикаат кризата да има уште поголем негативен ефект врз учењето на учениците.

Одговорноста на сите вклучени во образованието е голема и треба да покажат дека и воспитно-образовниот процес и системот мора да продолжат да постојат. Но, одговорноста затаи кај тие коишто требаше најповеќе да ја преземат. Надлежните институции не успеаја да се справат со најголемиот предизвик да се премости дигиталниот јаз во образованието. Владата врши дискриминација со самиот факт што голем дел од учениците немаат уреди за следење на онлајн настава преку платформата за далечинско учење, којашто впрочем ниту е национална, ниту пак е нова. Институциите воопшто не се фокусираа на педагошките прашања со цел да го нагласат колаборативното учење, учењето преку студии на случај и учењето базирано на проекти преку онлајн насоки. Она што требаше да се направи е заштедите од блок-дотациите во изминатите 6 месеци да се пренасочат и да се обезбеди, онолку колку што може, опрема за наставниците и учениците.

Со тоа што мал дел од училиштата во Република Македонија, конкретно од средните училишта само 4, добија дозвола за настава со физичко присуство се докажува дека Власта воопшто не инвестирала во образованието, во случајов во средното образование и дека училиштата немаат услови за настава со физичко присуство. Може да се заклучи дека училиштата не ги исполниле мерките за физичко присуство, односно не подготвиле протоколи за работа и алгоритам за дејствување во ситуација на позитивен случај. Училиштата не ги ставиле во функција сите влезови на училишните згради. Не поставиле знаци за еднонасочно движење во училиштата. Не ангажирале лице кое ќе надгледува дали се почитуваат мерките против КОВИД-19. Не ставиле знак за забрана за влез на родители. Не подготвиле распоред за чистење на училниците, тоалетите и ходниците. Немале препарати за дезинфекција на раце и чевли. Ниту било предвидено растојание од 1,5 метар помеѓу учениците во училницата. Значи основни здравстени превентивни мерки, а да не зборуваме за инфраструктурни, просторни и други најосновни услови. Ваквото неодговорно однесување и незаинтересираност за образовниот процес ги направија нефункционални образовните институции. Целосен колапс на образовниот систем.

Образованието во Република Македонија бара реформи, обнова и еднакви можности за сите. Неопходен е спас на образовниот систем преку потребата за олеснување, закрепнување и реформи. Затоа мора да се обнови системот, така што подигнувањето на децата и намалувањето на нееднаквостите во образованието ќе станат нова норма до државата. За почеток треба непосредно олеснување за учениците и наставниците за да можат подобро да функционираат на почетокот на учебната 2020/2021 година. Потоа треба значителна краткорочна инвестиција што ќе им овозможи на учениците чиешто образование беше прекинато да го надополнат и да продолжат со нивниот развој. И на крајот подолгорочни реформи за обнова на образовниот систем, така што предизвиците се коригираат, за да може системот конечно да обезбеди одлично и правично образование за сите деца.

Среде оваа криза, нам на професорите, не ни останува друга алтернатива освен максимално вложување и несебичен труд за пренесување на знаењето. Образование кое ќе им нуди знаења на учениците што им се потребни на пазарот на труд. За жал останаа само илузиите за успешен почеток на учебната година и совршено образование, затоа мора да прифатиме дека е потребна обнова за спас на образовниот систем.

Први септември не беше среќен за почеток на учебната година, можеби први октомври ќе биде среќен, но не и среќен за учењето и знаењето!

 

Перчо Божиновски

Најнови вести