вторник, 26. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Перчо Божиновски: Потемкиновите села на власта и негрижата за македонскиот јазик

Колумна на Перчо Божиновски: Потемкиновите села на власта и негрижата за македонскиот јазик

Македонската преспанска трагедија и срамното одбележување, без сопствениот народ што е и нормално, на две години од потпишувањето на капитулантскиот Договор од Нивици се самопонижување на народот и негирање на македонската самобитност и државност. Парадоксот да биде поголем е и со иницијативата за основање на Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно. На 15 ноември 1944 година во училиштето започнала настава на мајчин македонски јазик, второ училиште во Македонија.

Ако имаме предвид што се случува последните три години во однос на заштитата на македонскиот јазик, тогаш навистина се запрашуваме колку е тоа искрено, со чиста намера и душа. Лицемерно е пред табла на училиштето на која е испишано вековното име Македонија, да се прославува сосем нешто друго. Во духот на доброседството и пријателството убаво би било еден таков Центар да се отвори во Егејска Македонија, пример во Солун, каде што ќе им се дозволи на Македонците да го изучуваат својот мајчин јазик, но и сите останати кои сакаат да го изучуваат македонскиот јазик.

Понижувачки и лицемерно е да се биде на местото сведок на дел од македонската историја, да се зборува за македонскиот јазик, а од друга страна претходно ништо да не се преземе и да се уништива сѐ што е македонско. Уште и Преспа да ти била револуционерна средина со европска мултиетничка визија. Ако се повикаме на сите наши херои како и на Славејко Арсов, еден од револуционерите во илинденскиот период во Преспа тогаш тешко дека ќе најдеме таму европска мултиетничка визија.

За жал и наша несреќа духот на Договорот од Преспа може да биде само инспирација на нашите соседи за негирање на македонскиот јазик.

За панел дискусијата и фотографијата којашто ја видовме како во круг седнати пред разурнатото училиште најсоодветен е изразот: Потемкинови села! (По рускиот кнез Потемкин кој при посетата на Катерина II на Крим ја прикривал вистинската состојба со поставени фасади).

Ветуваме и градиме ли проекти или Потемкинови села?

Досега видовме сѐ, само не промоција на македонскиот јазик и негување на сѐ она што нѐ прави Македонци.

Изразот Потемкинови села е најсоодветен затоа што:

Карактеристична е негрижата за лекторатите по македонски јазик на странските универзитети и негрижата за подмладокот од областа на македонистиката.

Останаа само празните ветувања за заживување на лекторати по македонски јазик на странските универзитети.

Не се отвораат нови и одржуваат лекторатите по македонски јазик на странските универзитети во ЕУ.

Не гледаме никакво унапредување на позицијата на македонскиот јазик во домашните научни инсититуции.

Не е отворен Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство.

Не е отворена Школата за подука по македонски јазик за македонските деца надвор од Република Македонија.

Не е Формиран Одбор за стандардизација и грижа за македонскиот јазик.

Нема трага од основањето на Фонд за поддршка на издавачката дејност на нови и повторно издавање на научните дела посветени на македонскиот јазик од сите области.

Нема ништо од основањето на Фонд за стипендирање на студирањето на македонски јазик на универзитетите во Република Македонија.

Нема ни трага од ревизијата на наставните планови и програми по македонски јазик на сите рамништа на образованието.

Нема материјална поддршка за вработување на научен подмладок во универзитетите и институтите што се занимаваат со македонскиот јазик и македонската литература.

Во период кога македонскиот јазик е нападнат и оспоруван од соседите навистина треба да продолжи оддолжувањето на плејадата македонски дејци кои се вградија во историските процеси за признавање и афирмација на македонскиот јазик. Но, тоа постојано се потенцира, а гледаме сосем спротивна реализација.

Предизборната матрица продолжува со која по потреба наменски и популистички се најавуваат изјави за заштита на македонскиот јазик за наводна грижа која ја нема.

Фотографијата од Љубојно кажува во каква состојба е образованието со оваа ненародна власт. Вистински приказ за негирање на македонскиот јазик, историја и идентитет.

Нема ништо зачувано, туку имаме измама, смислено лажење и лажен блесок кој крие неуспешна содржина на образованието. Кога образованието се прикажува во многу поубава светлина, блеска од она што навистина е.

Наводната грижа за македонскиот јазик е само димна завеса за распродавањето на државните и национални интереси.

Ваквото понижување на македонскиот народ и јазик треба да престане, а одлуката е во рацете на македонскиот народ.

Време е за обнова на образованието!

 

Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература

Најнови вести