четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Весна Кусакатска: НАСТАВНИКОТ ДА ОДЛУЧИ

Колумна на Весна Кусакатска: НАСТАВНИКОТ ДА ОДЛУЧИ

Како долгогодишен наставник, имам свое размислување за начинот на одвивање на воспитно-образовниот процес во ваква, вонредна состојба, но и обврска истото да го споделам со вас. За да го задржиме нивото на образованието, во вакви отежнати околности треба да се преземат мерки и начини целиот тој процес најдобро, наједноставно и најбезболно за сите да се реализира.

Наставникот  може најдобро да процени на кој начин треба да работи со своите ученици, какви и колку задоллженија да им дава и како да ги оцени. Нема никаква потреба од дополнителен притисок со административни дописи. Не треба да се плашиме: Секој наставник ќе го пронајде најдобриот начин, за да ја заврши учебната година како што треба.

Зарем треба од наставниците да се бара да водат целосна евиденција во е-дневникот,кој  патем, ретко кога дозволува пристап? Ќе внесуваат ли наставни содржини за часови што реално не ги одржале? Реализиран час ли е да користиш некоја од посочените платформи, да испраќаш материјали, задачи, од кои бараш повратна информација? Претпоставувам, ќе треба и отсутни ученици да евидентираат. А, впрочем: Е-дневникот, требаше нели и да се укине?

Почитувани колеги, Подготовките за вонредни состојби се прават пред нештата да се случат. Да се држиме до едноставноста: Никој не треба од нас да очекува перфектна умешност во спроведување на онлајн наставата, кога за тоа не сме ниту обучени.

За да да си ја сочуваме силата за периодот што следува, за да не дојде до премореност и конфузија предлагам: Да одбереме нешто за што ние мислиме дека е најдобро, наједноставно и да се држиме за тоа. Што поедноставно, тоа подобро. Целите на наставата  и очекуваните резултати  може да се постигнат не само со електронските платформи што ни се посочени, туку и од учебниците. Насока може да дадеме преку различни форми и методи познавајќи си ги нашите ученици како спој од учебниците и нашето евентуално дообјаснување во постојана комуникација со учениците. Не е исто седењето пред екран и седењето пред книга. Да им го скратиме на децата времето поминато пред компјутер. Всушност учебниците, за што и за кого се печатеа? Да не се залажуваме: квиз ли е, презентација ли е, онлајн час ли е, или едноставно-учебник, ефектот е ист.

А и сите ученици не се во рамноправна положба, немаат сите еднакви можности за спроведување на ваквиот начин на учење и оценување. Има ли услови секој ученик да дава повратна информација, за сѐ што се бара од него? Како што се шири вирусот, бројот на заболени секојдневно расте, а пикот сѐ уште не е достигнат, можеби некој од оние што на нас наставниците ќе ни бараат електронско портфолио за постигнувањата на секој ученик, ќе се запраша дали на учениците кои во семејството имаат заболени, ќе им дојде до пишување на есеи, изготвување постери или можеби скајп комуникација со наставникот.

Не, нема. И затоа треба ние наставниците сами да одлучиме како ќе ја завршиме учебната година,

Затоа што никој од нас не е на ,,распуст“, ние работиме сега и повеќе отколку во нормални услови.

 

 

Весна Кусакатска, одделенски наставник

Најнови вести