среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

КОЛУМНА: ЗА НАШИОТ БИСЕР ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКОТО ГРАДИТЕЛСКО НАСЛЕДСТВО

КОЛУМНА: ЗА НАШИОТ БИСЕР ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКОТО ГРАДИТЕЛСКО НАСЛЕДСТВО

Колумна на Александар Јорданоски:

Заштитата на градителското наследство го зазема најслжениот дел од целукупната заштита на културното наследство. Од една страна, тука се испреплетуваат конзерваторско-реставраторските практики, а, од друга страна, неопходното усогласување со документацијата од планско-просторен карактер како: генерален урбанистички план, детален урбанистички план, заштитно-конзерваторски основи, односно заштитно-конзерваторски услови. Понатаму, непотребната испреплетеност на Законот за заштита на културното наследство со Законот за градење во делот на издавањето на конзерваторско одобрение, односно одобрение за градење дополнително го усложнува сиот тој процес.

Суштината на оваа состојба се состои во дефинирањето на само четири поими од Законот за заштита на културното наследство, изборот на методската постапка за заштита на културното наследство и каква политика на заштита ќе одбере државата во име на Министерството за култура преку соодветните институции за заштита на градителското наследство, кое е од профан или сакрален карактер. Па така, поимот конзервација е определен како постапка и метод на зачувување на заштитеното добро во изворна, односно состојба во која е затекнато, без додавење на елементите што се уништени или недостасуваат; реставрацијата е разбрана како постапка и метод на автентично обновување на делумно уништено заштитено добро со додавање на деловите што недосатсуваат во форма или изглед што ги имале или со отстранување на несоодветните делови или додатоци; реконстукцијата, пак, е постапка и метод на обновување на заштитеното добро што во поголем дел е уништено или чии конструктивни и други делови се дотраени и на крајот доаѓа ревитализацијата – постапка и метод за враќање на животот во спомениците и старите градби во состав на споменичките целини, било со задржување или враќање на првобитната или некоја од поранешните функциии, било со давање нова функција која соодветствува со нивната природа и значење и со карактерот на средината во која се наоѓаат.

Комбинацијата и изборот на овие поими е клучен за ефикасна непосредна заштита на градителското наследство, чија цел и зачувување од заборав, пред сè, на визуелниот приказ на наследената архитектура. Тој визуелен приказ има силно влијание врз стопанскиот, туристичкиот и едукативниот сегмент во сегашноста, секако, и врз идентитет­скиот белег препознаен во гардителското наследство. И тука доаѓаме до клучниот момент! Сето ова е теорија наспроти реалната состојба и со финансии, и со кадар, и со познавањето на автентичните знаења и градителските вештини, како и пристапот до изворни градежни материјали. Објаснувајќи ги овие клучни точки во процесот на заштитата, доаѓаме и до поимот факсимилна заштита, односно доловување на визуелен автентичен изглед на архитектурата, особено важен за споменичките целини како што е не само нашиот Охрид, туку и заштитените чаршии во Скопје, Прилеп, Битола или споменичките целини во Кратово и Крушево. Факсимилната заштита претставува употреба на современи материјали и техники при ревитализацијата на објектите, но со исклучително задржан визуелен ефект. Зошто е важна факсимилната заштита!? Заради тоа што таа го постигнува ефектот на задржана историска визура, притоа, овозможувајќи го практично да заживее помот интегрирана заштита од Законот за заштита на културното наследство, преточен како севкупност од мерки за зачувување и активно вклучување на недвижното културно наследство во животот на заедницата како фактор на одржлив општествен развој, особено во областа на планирањето и уредувањето на просторот, инвестиционата изградба, заштитата на животната средина и природа.

Но 30-годишните вечни „авторитети“ во заштитата на културното наследство од скопската калдрма во сите политички констелации слепо се држат за теоријата во законските поставености, без да им биде својствена практиката. Не се надминаа себеси, за да си го задржат приматот на неопходност, и практиката да ја преточат во применлива законска теорија. Па така, тие во своите извештаи редовно пишуваа дека при конзервација се употребува хоросан малтер, поим редовно препишуван од дамнешна цитирана  фус-нота, не знаејќи дека тој поседува гасена вар во себе, на градежното стовариште не разликуваа цемнет од усјемал, уште помалку дека усјемалот е 70% вар или, пак, греда од летва; со проектот за реконструкација на болницата во селото Ростуше само ја доразградија старата болница подигната меѓу двете светски војни, оставаа видливи делови од електрична инсталација во Беговиот амам во Тетово, дозволуваа возачот да ја земе сликарска четка во Шарената џамија, изработката на проектот за порпавка на дел од покрвот на црквата Св. Атанасиј Александриски во селото Журче, Демирхисарско, чинеше повеќе отколку самото подредување на ќерамидите, молчеа за свитканите вреќи од цемент и стаклени шишиња за да се заштеди одредена количина бетон под керамопластиката на дел од ѕидовите на Македониумот во Крушево, и тоа на 100-годишнината од Илинденското востание и ред останати ситуации.

Затоа, државата, видена преку своите соодветни институции, треба да ја определи политиката на заштита на градителското наследство, бидејќи законската обврска на претходно дадените поими имаат и финанскиска и стручна обврска која е двонасочна; и државата кон самата себеси доколку дадено културно наследство е во државна сопственост, но и кон физичките и правните лица, доколку културното наследство е во приватна сопственост. Немањето флексибилност при политиката на заштита на историските објекти е клучниот момент за тапкањето во место на Охрид како светско културно наследство, и тоа трае повеќе од две децении! Нема држава на светот која не сака целосна и автентична обнова на историските објекти. Но модалниот глагол сака не се сообразува секогаш со исто така модалнот глагол може. Најпрепознатливи примери на обнова или ревитализација во поновата светска историја се речиси целосно разрушените европски градови Дрезден, Варшава и Берлин како последица од Втората светска војна. Таму фенксот повторно се роди од пепелта како резултат на флексибилноста на реконструкивните методи.

За да нема историски заборав, нашата историска архитектура е одлично забележана и теориски обработена со сите типолошки и декоративни карактеристки, како и градителски техники во капиталните дела за македонската архитектура Селската куќа во Македонија од проф. д-р Петар Намичав и Градските куќи од XIX век во Македонија – просторна организација од проф. д-р Марула Николоска. Но доаѓаме до сегашната реалност, и тоа само до еден момент – имаме ли ние и мајстори и време за изградба на ѕид со дебелина од 60 cm со кал како врзивно средство или, пак, трпение за бондук конструкција!?

Светската практика кажува дека комбинираната методологија на факсимилна заштита и на автентична заштита е ефикасна, долготрајна, економски и стопански исплатлива, и на крајот го постигнува ефектот за широката поулација на очекуваното. Факсимилната заштита овозможува доловување на историската визура на споменичките целини без да се запре современиот развој на градот, чаршијата итн., а поедна автентична заштита на определен објект дава приказ на идните генерации за употребените градителските техники, знаења и вештини, како и за изворните материјали.

И на крајот, преплетувањето на Законот за заштита на културното наследство со Законот за градење условува при интервенција на историска градба облигаторност од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмолгиоја, а притоа тој самиот нема технолошка подготвеност за мерење асеизмичност на автентични, т.е. изворни материјали, односно само бетон и челик. Дополнително, во стручните институции за заштита на културното наследство во пензија заминаа сите стручни кадри кои ја гарантираа градежната конструктивност и статиката при конзервацијата и реставрацијата на недвижното културно наследство.

На Охрид му посакувам ослободување од тридецениските „авторитети“!

 

 

м-р Александар Јорданоски

Најнови вести