Кичево изминативе години доживува нерамномерен регионален развој. Огромната територија на општината дава и огромни проблеми, имаме региони каде се инвестира и региони каде воопшто не се инвестира. Власта целосно потфрли, истакна на денешната прес конференција во „Коментар на денот“ Лазе Јаќимоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кичево.
Во продолжение интегрален текст и видео од обраќањето на Јаќимоски:
СДСМ е власт и на централно и на локално ниво. 4 години нема ниту еден проект, ниту на централната власт, ниту на локалната самоуправа, а кој ќе значи развој за Кичево.
Кичево е единствен град во Македонија, кој има дива депонија во непосредна близина на центарот на градот. Ветија дислокација, а таа се уште стои и го труе градот.
Кичево е единствена градска населба во државата која нема ниту парк, ниту плоштад. Кичево е обезличен град.
Власта ветуваше и економско заживување. Ветија активирање на рудникот за манган Стогово, кој во минатото ранеше цели фамилии.
Нема работа за која не излажаа. Ветија отворање на нов коп во РЕК Осломеј и продолжување на работниот век на термоцентралата, што ќе значи нови работни места и загарантирана егзистенција за многу семејства и градот. А не реализираа.
Наместо нова механизација во РЕК Осломеј, тие продолжија да најмуваат приватни фирми блиски до нив, за да испумпуваат пари преку тендери.
Власта која не се грижи за новите генерации, не се грижи ниту за иднината на државата. Ветија изградби на нови градинки, а ништо од тоа нема. Капацитетите се преполни, а цели семејства не можат да си ги запишат децата во градинка затоа што нема место.
Власта потфрли и излажа на секое поле. Излажани се сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, буквално сите.
Кичево остана и без автопатско поврзување со Охрид, кое требаше веќе да биде готово. Нема инвестиции, нема развој. Времето во Кичево е застанато. Време е за промени. Време е за луѓе кои ветуваат и исполнуваат. Се што е реализирано во Кичево до сега е направено од власта на ВМРО-ДПМНЕ. Ние знаеме да работиме и тоа сме го докажале. Време е за нов почеток, порача Јаќимоски.