Комисиите на ВМРО-ДПМНЕ преку статус на Фејсбук пишуваат дека нема иднина за македонската енергетика под водство на Зоран Заев и СДСМ.
-Во текот на вчерашниот ден, премиерот Заев промовираше изградба на нова ветерна електрана во Гевгелија. Имено, за прв пат во речиси 30 години независност, еден македонски премиер се појавува на промоција на приватна електрана за производство на електрична енергија.
Во немоќ и без идеја да изгради производствен капацитет во сопственост на државата, Заев промовира приватни инвестиции, чии субвенции на крајот ќе ги плаќаат граѓаните.
Во петгодишното владеење, СДСМ не изгради ниеден енергетски проект преку државната компанија ЕЛЕМ, а овој енергетски џин успеа да го турне на колена.
Иако ВМРО ДПМНЕ остави зад себе подготвени проекти со обезбедена финансиска конструкција, владата на Заев во изминатиов период не беше воопшто заинтересирана да изгради некој од проектите. Но, затоа Заев и неговите пулени ги зедоа сите можни концесии за изградба на енергетски производни капацитети од обновливи извори на енергија.
Владата на Заев многу подло ја користи таканаречената „енергетска транзиција“ од јаглен кон обновливи извори, правејќи транзиција на капиталот од државните електрани (ЕЛЕМ), кон приватни компании со сомнителен бекграунд во енергетиката блиски до СДСМ.
Во неколкуте години од владеењето на СДС не е изграден ниту еден единствен мегават (MW) во сопственост на државата, а се подготвуваат неколку огромни приватни проекти во сегментот обновливи извори. При промоцијата на Ветерниот парк во Гевгелија премиерот нагласи дека инвеститорите ќе бараат и други локации за изградба на нови ветерни електрани.
Природно се поставуваат неколку прашања:
Зошто испитувањата за погодни локации за ветерници, кои ги вршеле државни институции да се користат за проекти на приватни компании?
Зошто местата со најдобри резултати се доделуваат на приватни компании, ако се знае дека ЕЛЕМ успешно го изгради профитабилниот Ветерен парк во Богданци уште во 2014 година, а може да изгради уште неколку вакви ветерни паркови?
Зошто најдобрите локации со најголеми брзини на ветерот не ги гради државата ако се знае дека со новата енергетска стратегија се планира затварање на термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј?
Ако новиот ветерен парк во Гевгелија произведува околу 75 GWh годишно, со субвенционирана тарифа од 89 евра, тоа значи дека граѓаните на Р. Македонија ќе го субвенционираат газдата на оваа електрана со најмалку 3 до 4 милиони евра годишно во зависност од пазарните цени на електричната енергија.
Доколку ваквите паркови ги изгради државата парите од субвенционираната електрична енергија ќе бидат имплементирани во капиталот на државата.
Во последно време на голема врата во енергетиката се промовира и јавно-приватно партнерство. Овој модел за изградба на производни капацитети во развиените земји го користат мали компании, во соработка со општини и помали компании во сопственост на општините за изградба на мали хидроцентрали, водоводи и други скромни проекти.
Многу прашања околу енергетската иднина на Македонија остануваат неодговорени:
Зошто државната компанија ЕЛЕМ наместо самата да гради ветерни паркови и фотоволтаични централи, се турка да учествува во проекти на јавно приватно партнерство (ЈПП), освен ако некој не сака да ја уништи?
Зошто државната компанија ЕЛЕМ „си пука во нога“ промовирајќи ЈПП со приватни компании, со кои си создава директна конкуренција во производството на електрична енергија?
Дали промоцијата на приватни ветерни паркови претставува подвиг на премиерот, како што ни претставуваат провладините медиуми?
Дали промоцијата на јавни-приватни партнерства претставува подвиг на премиерот, како што ни претставуваат провладините медиуми?
Дали ова е новата обланда која ни ја пакуваат провладините медиуми под палката на Заев?
Каква енергетска иднина ја чека Р. Македонија, со ваква стратегија на уништување на државните електрани и тивка приватизација на енергетскиот сектор?
Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ, стои во нивниот пост на Фејсбук.
НЕМА ИДНИНА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТИКА ПОД ВОДСТВОТО НА ЗОРАН ЗАЕВ И СДСМ!
Во текот на вчерашниот ден, премиерот Заев…
Posted by Комисии на ВМРО-ДПМНЕ on Четврток, 18 март 2021