Нов “блесок“ на СДСМ – ХАВАРИЈА на турбина во ТЕЦ Битола. Деновиве сме сведоци на ново “блескање“ во енергетиката од страна на СДСМ. Тешка хаварија на турбината на блок 2 во РЕК Битола, која се случила при обид за пуштање во погон на турбината. Во тек е отворање на турбината за да се утврдат штетите, но според тоа што се случило може со голема сигурност да се каже дека има оштетувања. Скршени или откачени лопатки и оштетување на лежиштата на турбината. Ова е голема хаварија која е проследена со силни вибрации поради што автоматски заштитата ја исклучила турбината од погон, стои во соопштението на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
– Па нели капитални ремонти се направија во овие 4 години на турбините? Па нели сите блокови беа целосно ремонтирани и спремни за погон со полн капацитет? Ваква изјава даде директорот на АД Електрани на Македонија пред нецели четири месеци. Ако веќе се направија капиталните ремонти, тогаш зошто се случува ваква хаварија? Краток преглед на набавките за овие 4 години за оваа проблематика укажува на следното:
Набавени се и прескапо платени резервни делови кои главно се состојат од заптивки, завртки, навртки, подлошки и по некоја дијафрагма во вредност од 3.340.000 евра. Склучени се договори за консултантски услуги при ремонт на турбината во вредност од 210.000 евра. И сето тоа е направено исклучиво со една приватна компанија, велат од комисијата.
– Дополнително се склучени договори за проценка на состојбата на турбината во време на ремонт во вредност од 3.800.000 денари со една приватна компанија. Посебни договори се склучени со надворешни приватни компании кои ги извршуваат ремонтните активности.
И кој е резултатот од сето ова? Дали раководството на АД Електрани на Македонија ги организираше и вршеше контрола на квалитетот на сите овие работи? Дали набавката на прескапи завртки и навртки (од злато да беа ќе беа поефтини) ги контролираше? Дали резултатите од испитувањето на турбината е квалитетно и стручно? Дали ремонтот е професионално направен и кој го прифатил како квалитетен ремонт?
Кој ќе понесе одгoворност за ова? Дали одговорнота ќе ја понесе целокупното раководство на АД Електрани на Македонија. Или ова е дел од планираното сценарио на СДСМ најавено како зелена енергетска стратегија и престанок на работа на РЕК Битола? Целата оваа штета нормално ќе ја плати од својот џеб осиромашениот македонски народ, се вели во соопштението.