среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Комисија за спречување и заштита од дискриминација со честитка за Меѓународниот ден на Ромите

Комисија за спречување и заштита од дискриминација со честитка за Меѓународниот ден на Ромите

Во ситуација кога дури 85,6 проценти од Ромките не го посетиле својот матичен гинеколог, само три отсто од граѓаните вклучени во активните мерки за вработување се Роми и додека припадниците на ромската етничка заедница се уште се најчесто жртви на расизам, дискриминација и сегрегација, не можеме да зборуваме за значаен напредок во превенција и заштита од дискриминација врз Ромите на системско ниво. Дополнително, ваквата ранливост на Ромите е зголемена во време на пандемијата, предизвикана од Ковид-19, бидејќи голем дел од ромската етничка заедница се соочува со екстремна сиромаштија, супстандардни услови за живот и недостиг на адекватна здравствена заштита, соопшти Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по поводт Меѓународниот ден на Ромите, 8 април.

Токму заради ова, посочуваат, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како национално тело за еднаквост, кое за прв пат во својата историја има и член Ром, се обврзува во својот мандат и во рамките на своите проширени законски надлежности да ги приоретизира превенцијата и заштитата од дискриминација врз Ромите во сите општествени сфери.

– Комисијата особено посветено ќе работи на елиминирање на сегрегацијата на децата Роми во образованието, отстранување на системската дискриминација во пристап до здравствени услуги и на превенција и заштита од дискриминација во пристапот до добра и услуги на Ромите, наведуваат во соопштението.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ги повикува и охрабрува сите граѓани од ромската етничка заедница кои сметаат дека биле дискриминирани да ги пријават случаите на дискриминацијата во Комисијата и да добијат соодветна правна заштита.

– Денес се одбележува Меѓународниот ден на Ромите, ден на славење на ромската култура и традиција како нераскинлив дел од нашето мултиетничко, мултикултурно, мултијазично и мултирелигиско општество. Но, во исто време на овој ден се истакнува и одбележува континуираната борба против дискриминацијата, сегрегацијата и маргинализацијата со кои Ромите се соочуваат секојдневно во речиси сите оштествени сфери. Честит 8ми Април, Bahtalo Romano Dive!, посочуваат од Комисијата.

Најнови вести