вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Комисијата за финансирање ја заврши амандманската расправа по предлог-финансиската поддршка за ранливите категории

Комисијата за финансирање ја заврши амандманската расправа по предлог-финансиската поддршка за ранливите категории

Собраниската Комисија за финансирање и буџет, попладнево, откако ја исцрпи амандманската расправа, го проследи Предлог-законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза на натамошна постапка во Собранието.

Предлог-законот поднесен од Владата, треба да се донесе по скратена постапка.

Пред членовите на Комисијата беа вкупно девет амандмани, од кои шест од пратеници на опозицијата и три од пратеници на власта. Амандманите од пратениците на мнозинството беа прифатени, но не и оние од пратениците на опозицијата.

Во попладневниот дел од расправата по амандманите преовладуваа обвинувања. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ останаа на ставот дека предложеното законско решение не е добро и дека предвидената помош треба да биде повисока, да трае не четири, туку шест месеци, додека е во сила кризната состојба, како и дека опфатот на мерката треба да се прошири. Нивните колеги од СДСМ, пак, продолжија да тврдат дека решението е дел од антикризните мерки и со него ќе им се помогне на илјадници граѓани полесно да се справат со енергетската криза.

-Ова е срамно решение. Ги понижувате пензионерите со пакет со кој можат да се прехранат само еден ден. Ако купат млеко, масло, јајца, месо, леб и компир – ете ги тие 750 денари. Може да се набавуваат службени возила и да се реализираат непродуктивни трошоци, а на пензионерите им се даваат само 750 – 1 500 денари месечно. Ова не е вистинска помош, туку политички памфлет, продавање магла и козметика, реагираа претниците од опозицијата чии амандмани не беа прифатени.

Пратениците од СДСМ укажаа дека пензиите се покачени за 10 проценти, а во март 2023 година ќе има уште едно, ново покачување за шест отсто со кое зголемувањето ќе изнесува вкупно 16 проценти.

-Никогаш како досега пензионерите навреме не земале пензии, а ако дојде ред градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ да помагаат, тогаш помошта ќе остане нула, посочија пратениците од мнозинството.

Предлог-законот на почетокот на седницата го образложи заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусеин, напоменувајќи дека со него ќе се обезбеди финансиска поддршка за корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед, самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 14.000 денари, корисници на право на надоместок за телесно оштетување и невработени лица корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, односно стечајни работници.

Според Предлог-законот, финансиската поддршка за корисниците кои оствариле прво на социјална заштита изнесува 3.000 денари месечно, за период од четири месеци, почнувајќи од наредниот месец од денот на влегувањето во сила на овој закон. Финансиската поддршка за пензионерите чија пензија не е поголема од 11 525 денари месечно, изнесува 1 500 денари месечно, а за оние со пензии од 11 525 до 14 000 денари месечно, изнесува 750 денари месечно, за период од четири месеци. Финансиската поддршка за корисниците со право на надомест од телесно оштетување изнесува 750 денари месечно, за период од четири месеци. Финансиската поддршка за стечајците изнесува 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.

Исплатата ќе се врши на трансакциска сметка на корисникот на финансиска поддршка без поднесување барање од страна на корисниците, врз основа на списоци изработени согласно податоците на Министерството за труд и социјална политика, Фондот за ПИОМ и Агенцијата за вработување.

Најнови вести