„Комунална хигиена“ мора да го собира ѓубрето или ќе се соочи со санкција до 98.000 евра. Државниот инспекторат за животна средина вчера и денеска правеше вонредна контрола во скопското јавно комунално претпријатие по случувањата со протестот на вработените што резултураше со преполнување на контејнертите и затрупување на градот со отпад, објавува Независен.
Директорот на ДИЖС, Сретен Стојковски вели дека денеска на директорката на Комунална хигиена Косана Мазнева ќе ѝ биде доставен записникот од контролата врз основа на кој ќе се изготви решение со наредба дека отпадот мора да се собира.
„Без разлика длаи вработените ќе штрајкуваат или не законот за управување со отпад е јасен, отпадот мора да биде собран. Ако има штрајк, евентуално може да направат нов распоред или динамика, но и во тој случај не смее да се дозволи здравјето и безбедноста на граѓаните да бидат загрозени“, вели Стојковски.
Државните инспектори најавија дека ќе ја посетат и депонијата „Дрисла“ која одби да го прими отпадот што деновиве го собираа општински служби, а камионите на Општините Аеродром и Кисела Вода ѓубрето го истурија пред вратите на депонијата. Директорот Стојковски вели дека од „Дрисла“ го информирале дека овој отпад е веќе собран и префрлен на депонијата, а инспекторите ќе треба да констатираат и дали општините имаат или не договори за депонирање отпад во депонијата.