Јас би поставил едно реторичко прашање до почитуваниот Кондовски. Господине Кондовски ако јас денеска сум Венко Филипче, јас без размислување би поднел оставка како морален чин на сите настани кои што се случија изминатиов период особено за трагичната несреќа што се случи во Тетово. Доколку сте Вие во позиција на премиерот Зоран Заев дали таа оставка би ја прифатиле, го запраша Тони Коњановски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Битола својот противкандидат Христо Кондовски во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија.
Кондовски на ова прашање се обидуваше да не одговори.
„Венко Филипче е една личност и еден човек кој покажа едни одлични менаџерски капацитети во време на пандемијата. Вие добро го познавате тоа како епидемиолог. И баш тука можете да кажете одредена критика или сугестија и добро да ве послушаме. Не сум ни на премиерот местото, ниту премиерот Зоран Заев. Еден ден можеби ќе сакам да бидам. Но, не сум ни на местото на министерот Венко Филипче, да оставиме да ја решат ситуацијата онака како што ќе ја решат или како што ја решаваат. А, граѓаните да испорачаат резултат за таа работа“, рече Кондовски.
Коњановски уште еднаш го запраша својот противкандидат дали би ја прифатил оставката на Венко Филипче.
„Не знам, првин треба да се открие дали има некаков мотив и проблем во Венко Филипче или нема. Јас мислам дека нема и не би ја прифатил“, нагласи Кондовски.