вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Корупцијата главна причина за иселување на младите – 40% ги мотивира да ја напуштат земјата

Корупцијата главна причина за иселување на младите – 40% ги мотивира да ја напуштат земјата

4 од 10 млади изјавиле дека ќе ја напуштат државата поради степенот на корупција, додека секоја трета млада личност изјавила дека токму корупцијата е главна мотивација да се приклучи и да придонесе во борбата против коруптивните дејства. Само 4% изјавиле дека ваквата состојба ги тера да станат дел од синџирот на корупцијата. Ова го покажа анализата направена од Младинскиот сојуз во која учествуваа над 440 млади луѓе од целата земја.

Од Младинскиот сојуз потенцираат дека дека досегашната национална борба против корупцијата младите ја оценуваат со двојка (2), а охрабрува фактот што речиси две третини од нив (64%) изјавиле дека досега директно не учествувале во коруптивни активности.

Прашани за тоа како ја идентификуваат корупцијата, младите испитаници во најголем процент изјавиле дека тоа претставува „пари во индекс за професорот/ката“ (57%), една третина дека тоа се партиските вработувања, а најмал процент дека тоа се „кафе и бонбониера за докторот“ (7%), односно „подарок во вредност до 1.000 денари“ (3%).

„На младите корупцијата најмногу им пречи во сферите на правосудството (58%), здравството (27%) и државната администрација (18%), додека најмалку тоа го идентификуваат како проблем кај полицијата (7%). Речиси идентичен број од нив рекле дека се запознаени со каналите преку кои можат да се изборат против корупцијата со оние кои изјавиле дека немаат такви информации“, соопштуваат од Младински сојуз.

Исто така, за младите луѓе најважно е лидерите и лидерките да бидат решителни и праведни (над 50%), понатаму транспарентни (над 15%), а најмалку посакуваат да бидат авторитативни (6%).

„Очигледно е дека според оваа анализа корупцијата претставува еден од најголемите проблеми кој го нотираат младите луѓе, а како дел од решението е целосната посветеност кон градење на транспарентно општество. Промовирањето на младинската активност и подигањето на гласот на младите е нашата главна цел во реализацијата на овој Проект. Дополнително, преку ваквите и слични активности придонесуваме за подигање на знаењето и свеста помеѓу младите за важноста на процесите на транспарентност и отчетност во носењето на одлуки од страна на властите на национално и локално ниво“, вели Анелија Митрова, проектна координаторка во Младинскиот сојуз.

Анализата во која учествуваа над 440 млади луѓе е спроведена од Младинскиот сојуз во периодот од април до јуни 2022 година, а со поддршка на Националниот демократски институт (НДИ) и НЕД.

Најнови вести