недела, 3. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Костовски: Смилевски троши 1.6 милиони евра за привремени вработувања за 4 години, наместо да инвестира во проекти

Костовски: Смилевски троши 1.6 милиони евра за привремени вработувања за 4 години, наместо да инвестира во проекти

Општина Бутел за 2021 година ќе потроши 24.780.000 денари или над 400.000 евра само за партиски класични вработувања. За време на целиот мандат на градоначалникот во заминување Велимир Смилевски од касата на општина Бутел или уште поточно од парите на граѓаните за партиски и крајно непродуктивни вработувања троши неверојатни 99.000.000 денари или над 1.600.000 евра, изјави на денешната прес конференција, Дарко Костовски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

– Општина Бутел е неприкосновен рекордер во државата, но за жал НЕ по бројот на реализирани проекти, туку по лажење и по бројот на привремени партиски вработувања од кои општинската администрација и граѓаните апсолутно немаат никаква реална потреба. Иако СДСМ има апсолутна власт на централно и локално ниво, со жалење може да се констатира дека општина Бутел е целосно заборавена општина, предизборно ветените проекти од страна на Заев и Смилевски се само груба манипулација на граѓаните на општина Бутел, вели тој.

Костовски посочи дека ветените: нова поликлиника, нова полициска станица, нов противпожарен пункт, плоштад, градинки, училишта, гасификација, голем спортски комплекс, канализација во населените места Кучевачка бара и Бел Камен, водовод во Љуботен и Љубанци се само празно слово на хартија и за ниту еден од овие ветени проекти нема ниту почетна фаза на реализација додека истите беа со рок до крајот на овој мандат.

– Секако дека овие 1.600.000 евра потрошени на крајно недомаќински начин и за партиски цели, доколку беа насочени кон вистинските потреби на граѓаните на општина Бутел убеден сум дека без никакви потешкотии општината ќе реализираше барем неколку од гореспоменатите ветени проекти кои за жал во овој момент можеме да констатираме дека се само сурова лага. Велимир Смилевски или градоначалникот во заминување, во својот мандат покажа како НЕ треба да се води една општина, нереализирањето на ниту еден покрупен проект го позиционира како еден од најлошите градоначалници на ниво на држава, додаде тој.

Костовски истакна дека Општина Бутел заслужува многу повеќе, и дека општина Бутел мора да се ослободи од канџите на неколкумина недомаќински настроени луѓе на чело со Смилевски.

– Тој патем и не живее во оваа општина и со тоа покажа дека нема никакво чувство, ниту пак визија да направи подобро место за живеење, единствена визија е личен интерес кој секојдневно ја уништува нашата општина. На претстојните локални избори, Смилевски ќе биде казнет од граѓаните на општина Бутел и со тоа нашата општина повторно ќе биде во рацете на народот, дециден е Костовски.

Најнови вести