Бизнисменот Трифун Костовски во емисијата „Отворено“ на Алфа телевизија истакна дека забелешките на ЕК се реалната слика за тоа што се случува во економијата.
Конкретно за сивата економија посочи дека таа мора да престане, но не со вакви инстант мерки како новиот Закон од министерството за финансии во кој испатата на готовина не смее да биде над 500 евра, затоа што тоа е само една мерка, а нема цел систем кој што е разработен.
-Ние уништивме една индустрија во Македонија, а тоа е текстилната индустрија. Зоните се неопходни во неразвиени подрачја, а слободни зони воопшто не се развиваат во неразвиените подрачја. Ние немаме визија за економски развој мора самите да размислуваме да создадеме добра инфраструктура за развој, вели Костовски.
Тој истакна дека ние ја губиме супстанцата на државотворноста, а тоа се младите луѓе, кои си одат надвор. -Владата подобро да се задолжеше за да направи напори за да се задржат младите луѓе и тоа треба да биде основен наш таргет.
Во врска со бројот на министри и советници тој посочи дека за македонски услови тоа е скапа влада, треба да се скрати бројот на министри и од толку многу советници кои се вработени во владата тој процес да се сопре, мора да имаме чисти сметки и чиста и јасна визија.