среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ковачевски: Црвените линии со Бугарија се јасни, за нив нема преговарање

Ковачевски: Црвените линии со Бугарија се јасни, за нив нема преговарање

Во преговорите со Бугарија нема да правиме отстапки. Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик, дециден е мандатарот Ковачевски. Во интервју за МИА, тој зборува за очекувањата од претстојната посета на Петков на Скопје и за патот кој ќе води до решавање на спорот.

Ковачевски вели дека имаме право на самоопределување, неотуѓиво за секој народ и право на посебен идентитет и јазик. Најавува дека при целиот процес на преговори, нема да отстапи од Декларацијата усвоена во македонското Собрание.

Според мандатарот, средбата на 18-ти јануари повеќе ќе биде подготвителна за она што ќе следува. Ќе бидат утврдени основите за натамошните разговори и формите на соработка и напредок, без оптоварување од историските рамки и термини, вели мандатарот.

-“Тоа е предуслов да напредуваме. Зближувањето и соработката меѓу двете земји во сите области од животот е важен предуслов за отстранување на сомневањата и погрешните перцепции. Јас сум подготвен да отвориме нова страница во односите со Бугарија и да изградиме искрено пријателство и подобра иднина за двете земји. Треба да се стиши гласот на омразата”, порачува Ковачевски.

Слично како и бугарскиот премиер Петков, и за Ковачевски фокусот треба да биде ставен на економијата, инфраструктурата, туризмот, образование и културата.

Конкретни очекувања од претстојниот период има и Франција, која од 1-ви јануари претседава со Европската Унија. До решение со дискусија и признавање на правата на малцинствата, вели француската амбасадорка во Софија, која понуди и посредништво на земјата во преговорите.

-“Ние ќе направиме се што е возможно. Се разбира запазувајќи ги специфичностите на двете страни, сослушувајќи ја Бугарија, за да ја предложиме нашата добра волја и нашето посредништво за да се справиме со спорот”.

Темата Македонија утре ќе биде актуелна во Бугарија. Претседателот Радев свика состанок на Советот за национална безбедност, со единствена точка – “Улогата на Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација“.

Најнови вести