Димитар Ковачевски и Миле Зечевиќ за директор на АНБ го назначуваат Зарко Милошевски, човекот со чиј потпис Онишченко добива македонско државјанство, вели Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
Како што истакна документот кој е објавен на социјалните мрежи покажува дека Зарко Милошевски го дал позитивното мислење како последен во постапката за проверка на безбедносни пречки.
-На овој документ Милошевски е потпишан како овластено лице кое одобрило Известување до Секторот за управно надзорни работи, дека не постојат пречки од безбедносен карактер за Онишченко да добие државјанство. Зарко Милошевски е клучна алка за Онишченко да добие државјанство. Ова одобрение е издадено на 03.03.2022 година, во време кога премиер е Ковачевски. Овој предмет чекал повеќе од 9 месеци на одобрување во време кога премиер е Заев, а се решава само за 3 месеци откако доаѓа Ковачевски. Кој е интересот на Ковачевски за давање на државјанство на Онишченко, и дали Зарко Милошевски е поставен за директор на АНБ како награда или за да молчи за одредени процеси? Треба ли Зарко Милошевски да молчи зошто му е дадено државјанство на Онишченко и да ги прикрива своите шефови Ковачевски и Зечевиќ или треба да биде главен актер при давање на нови државјанства на сомнителни ликови од Далечниот Исток? Зарко Милошевски е дел од луѓето на Зечевиќ. Но, дали истиот е и дел од планот на Артан Груби и Миле Зечевиќ за давање на 20-тина македонски државјанства на лица од Сингапур, Хонг Конг, Тајван и други држави од Далечниот Исток преку Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово?, прашува Ковачки.
Посочува дека според планот на Зечевиќ и Артан Груби, во Македонија постои можност државата да додели државјанство на странски лица поради постоење на посебен економски интерес од истите во вид на инвестиција вредна над 400.000 евра. Врз основа на вакви инвестиции Милошевски треба да потпише над 20-тина државјанства на луѓето од Далечниот Исток, а правен застапник на истите да биде адвокатската канцеларија на Миле Зечевиќ.
-Практично државјанствата на луѓето од Далечниот Исток ќе бидат исплатени. Тука се поставува прашањето дали во форма на адвокатски услуги ќе се плаќа провизијата за услугите пружени од АНБ и дали низ вака разработена шема треба да се одглават и над 3000 барања за македонско државјанство кои стојат во фиока, а за кои алармираат структурите на ДУИ? Па од тука јасно е зошто за Зарко Милошевски постои консензус меѓу СДС и ДУИ. Наместо безбедносните служби да бидат во функција на безбедноста на државата, СДС и ДУИ ги упропастија и истите ги користат за свое лично богатење, нагласи Ковачки.