Драган Ковачки им се обрати на сите припадници на АРМ, сегашни, но и поранешни.
Неговото обраќање го пренесуваме во целост:
За поранешните и сегашните припадници на АРМ:
На 18.04.2022 година по ИТНА постапка, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесе Предлог-Закон за измени на постоечкиот Закон за Служба во АРМ.
На 10 мај, на седницата на Собранието на РМ, владејачкото мнозинство на СДСМ-ДУИ-ЛДП-ДС-Алтернатива, тој предлог на закон да биде ставен како точка на дневен ред го ОДБИ.
Значи, ПРОТИВ гласаа и пратенците кои порано биле дел од АРМ, а тоа се генералот Илија Николовски од Партијата на Пензионери и мајорот Талат Џафери кој дури беше и министер за одбрана. Значи, поранешни старешини гласаа против сопствената војска.
Со ова, власта го покажа своето лицемерие и покажа дека е против:
– решавање на статусот на вработените кои веќе 19 месеци чекаат решение за нивниот статус и заминување во пензија,
– исправање на неправдата кон веќе заминатите во пензија (кои заминале по понеповолни услови од нивните колеги),
– помош на професионалните војници со парични средства кои после 45 години ја напуштаат АРМ,
– департизација на АРМ и враќање на ингеренциите на Началникот на Генералштаб што му ги одзема претходниот министер – Шекеринска.
Во услови кога на исток во Европа имаме војна чиј развој не може да го предвидиме, неодговорно е власта да создава криза во АРМ (а ја создадоа со тоа што во ист момент имаат две формации на сила што е НЕДОЗВОЛЕНО!) и неодговорно е да гласаш ПРОТИВ решавањето на статусот на припадниците.
Нашата пратеничка група не се откажува од изнаоѓање на решение за овие проблеми и без разлика што активната блокада на Собранието е започната, најавувам дека во текот на утрешниот ден – 16 мај Понеделник, повторно ќе поднесеме предлог на Закон за измени и дополни на Законот за Служба во АРМ и тоа по скратена постапка.
Значи, утре повторно ќе го предложиме истиот Закон што веќе го одбија, но овој пат по скратена постапка.
Бидејќи ја дотераа инфлацијата веќе на 10% и парите ја губат својата вредност, сакам да информирам дека како пратеничка група ќе бараме:
– зголемување на платата на сите вработени во АРМ и МО за 10% на ист начин како што тоа го бараме за МВР,
– зголемување на дневниците на 2.000 денари, на ист начин како што тоа го направивме за МВР и безбедносните служби.
Неспособните кои ја создадоа оваа состојба, мора да имаат слух за тоа што го предлагаме.
Ако се свесни дека од незнаење и ловење на дневен ПиАр преку импровизации ја упропастија АРМ и ги понижија нејзините припадници, тогаш нека послушаат и нека прочитаат какви решенија предлагаме.