Последната анкета на МЦМС е поразителна за владејачката СДСМ бидејќи во период од само неколку месеци рејтингот на власта бележи пад од 1,1 процент, додека рејтингот на опозицијата бележи пораст од 3.4 проценти и сега изнесува 24 проценти. Разликата помеѓу двете најголеми политички партии во Македонија изнесува минимални 0,4 проценти.
Споредбено со анкетата на МЦМС во мај оваа година кога рејтингот на СДСМ изнесуваше 25.5 проценти, а на ВМРО-ДПМНЕ 20.6 проценти сега разликата е многу помала. Власта во овие моменти ужива рејтинг од 24.4 проценти, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ има рејтинг од 24 проценти помеѓу гласачите.
На вакви резултати веќе извесен период алудираат поголемиот број на политички аналитичари и експерти кои велат декаграѓаните имаат големо разочарување во власта поради дадените лажни ветувања и погрешните чекори кои ги презема.
Според политичкиот аналитичар Александар Кржаловски враќањето на рејтингот на опозицијата во најголем дел се должи на Договорот со Грција. Имено тој во гостувањето во Отвореното студио на телевизија Алфа вели дека за ваквото негово тврдење има поткрепа во целата анкета, поради фактот што мнозинството на граѓаните помеѓу 50 и 60 посто се незадоволни од договорот со Грција, односно само 28 проценти од етничките Македонци се за договорот. Тој вели дека анкетата е правена пред да станат актуелни последните корупциски скандали со тендери и тие допрва ќе имаат влијание на јавното мислење.
-Моето толкување на ваквото доближување на ВМРО-ДПМНЕ и враќање на нивото, на сегашното ниво , СДСМ се нема многу поместено од она што имаше доверба и досега, ама ВМРО е вратено назад. И по мене во најголем дел се должи на договорот со Грција, односно мислам дека тоа наоѓа на поткрепа и во целата анкета дека генерално мнозинството од луѓето меѓу 50 и 60 посто вкупно, а уште повеќе кај етничките Македонци се незадоволни од повеќето одредби од Договорот. Иако на крајот дел од нив се изјаснуваат дека ќе гласаат за. Ама релативно мнозинско незадоволство има за поединечните прашања, менување на Устав, менување на името, кодовите, регистрациите и слично. Можеме да зборуваме и повеќе за тоа ама јас така го објаснувам бидејќи анкетата е правена на 24 јули до први август, тоа е мислам пред овие последни афери што беа со тендери со слични корупциски скандали. Мислам дека тие не влијаеа на овој резултат и мислам дека тие допрва ќе се разврзуваат.
Аналитичарот Владимир Божиновски пак истакна дека владата на СДСМ дала преголеми очекувања кај граѓаните особено кај оние неопределените кои во голем број не гласале за сегашната власт туку против ВМРО-ДПМНЕ.
Божиновски вели дека сега кога СДСМ има апсолутна централна и локална власт, фрустрацијата на граѓаните е право пропорционална со неостварените ветувања. Тој напомена дека имало момент во изминативе месеци во период кога се намалила фрекфенцијата на информации околу името па се случи аферата со пајакот, како и серија на други афери кои исто така ги фрустрирале гласачите.
Божиновски за крај заклучи дека сега ВМРО-ДПМНЕ се консолидираше, ВМРО-ДПМНЕ сега претставува програма, нови политики, нови решенија и на тој начин може да се очекува дека ќе привлекува уште повеќе нови гласачи.