Софија Куновска во интервју за „Фактор“ отворено зборува за случувањата во нејзината партија и раководството на СДСМ кое на подолг рок ја уништи последната надеж дека Македонија заздравува.
Според неа, секој чесен интелектуалец во Македонија се чувствува засрамен и згрозен од несоодветниот вокабулар на Заев, неговата наместена наивност, божемна чесност и нагласен примитивизам во јавниот настап. Тоа го гледаат и деца, кои треба да расудуваат за вредностите на едно општество и да ги вградуваат секојдневно во него.
-Органите во СДСМ се безгласна гласачка машинерија. По резултатите од претседателските избори не се одржа ниту конгрес за доверба, што е статутарна обврска. Каде и да чепнете во големите зделки и злоупотреби, ќе дојдете до сознание дека едната фамилија е заменета со една и пол друга. Зоран Заев ја води СДСМ како акционерско друштво во лична сопственост. Да не ја споменувам мизеријата околу помирувањето зад која се одвиваа уцените и пазарите со осумтемина од ВМРО-ДПМНЕ, вели Куновска.
Таа вели дека членството станува свесно дека партијата го губи угледот. За политиките може да се рече дека се хазардерска игра на еден човек во која сè беше ставено на една карта. Затоа е стана јасно дека нема одржлив наратив без датум за ЕУ. Кај членовите што долги години се вложуваат себеси за некаква идеја за модерна, просперитетна држава, постои впечаток дека се потрошени за нечии лични интереси, земјата останува да биде периферија на развиениот свет во која ниту еден нивни сервис не функционира, од која заминуваат нивните деца, а тие самите ќе бидат активисти во партија, за која, ако нешто не се промени, доаѓаат многу тешки времиња.
Во однос на националните прашања Куновска во интервјуто изразува загриженост, бидејќи државата се раководи без трошка национално достоинство и со неподнослива леснотија се демонстрира подготвеност секое прашање да биде прашање за потенцијален пазар кое се обландира со наводни високи цели, од кои најголем дел гледаме дека се распрснуваат како балони од сапуница.
– Жалам што времето потврди дека раководството на СДСМ се покажа како нискокапацитетно искрено да поддржи и да издржи внатрепартиско брусење на политиките. Изостана односот на уважување на едни кон други, дијалогот, компромисот и чувството на заемна почит. Овие аномалии од партијата се пресликаа и во начинот на водење на државата. Наспроти ова, ако се анализира каналот на големите пари, моќ и влијание, вчудовидувачки е колку лични релации со луѓе од врвот паразитираат на грбот на СДСМ. Драги Рашковски, Ден Дончев, Кочо Анѓушев, разни Башановиќи и многу други, се само дел од луѓето што немаат идеолошки допирни точки со СДСМ, вели Куновска.
Според Куновска, правдата во Македонија е во претполитичка ера, а државата не е ниту на почетокот на реформите во судскиот систем. Расплетот пак, со СЈО покажува дека не само што не е искористена можноста за напредок туку Македонија е вратена многу чекори назад пред оформувањето на СЈО. Рекетите, вели таа се чувствуваа во воздухот, но тешко оди соочувањето со стварноста. Брзината и одлучноста во справувањето со „Рекет“ најгласно зборува за нивото на вклученост на високи функционери во аферите. За квалитетот на живот во Македонија таа вели дека државата од прекрасна земја е претворена во огромна депонија.
-За жал, дишеме отров, во нашите бели дробови се таложи изгорена гума и пластика, а на ниту еден одговорен за тоа не му фали влакно од главата. Поединци печалат огромни суми од производства што користат недозволени енергенси, а нивните деца го дишат истиот загаден воздух. Се прашувам како е можно милионите да им се позначајни од животите на нивните деца. Се пуши насекаде околу нас, што остава впечаток дека сме земја од третиот свет, а не кандидат за Европа, вели Куновска.