КУРИР направи интервју со кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Виктор Паунов.
Тој во него вели дека лошото менаџирање во минатото им дава мотив и визија за решавање на сите проблеми настанати во изминатите четири години. За идните проекти, насочување кон младите и за тоа кој е Виктор приватно прочитајте во продолжение:
КУРИР: Кој е вашиот главен мотив за да се кандидирате за градоначалник на општината Карбинци?
Општина Карбинци може да изгледа подобро. Лошото менаџирање во минатото ни дава мотив и визија како понатаму, со идеи и многу работа до подобар лик на нашата општина. Секако чистата средина, уредени улици и јавни површини, но пред се решени инфрастуктурни проблеми. Секој жител се соочува со проблеми на дневна основа, дали е тоа најчесто со водата за пиење или некој друг комунален проблем, решенијата стигнуваат со доцнење од месеци или воопшто не стигнуваат. Мораме да ја промениме функционалноста пред се. Земјоделието како носечка гранка на нашето население е во катастрофална состојба, полињата се без вода. Наместо полиња со марихуана да имаме плодни житни полиња со достапна вода за наводнување.
КУРИР: На што ќе биде ставен фокусот во следните четири години доколку ја добиете довербата од граѓаните?
Дефинитивно еден од главните проблеми е лошото менаџирање на ЈП Плачковица. Мораме да имаме функционални институции, сектор за јавна чистота, одговорност кон се што е јавна површина, се со цел подобар лик на нашата општина. Главен фокус ќе бидат и земјоделците каде мораме да ги решиме проблемите со водоснабдување на тие полиња каде водата е проблем, преку ревидирање на канали и ставање во нивна функција. Голема подршка и кон спортот и спортските терени преку стимулација од локалната самоуправа до подобри резултати.
КУРИР: Што им ветувате на младите во вашата општина?
Во минатото во општина Карбинци се направи многу за младите, но не и во овие 4 години. Мораме да се фокусираме кон изградба на нови и одржување на сите постоечки спортски објекти, имаме тениско игралиште кое е во запуштена состојба, како и повеќе наменски игралишта кои воопшто не се одржувани. Поддршка и стимулација кон сите спортски клубови во Карбинци, со велосипедско пешачки патеки. Во делот на културни манифестации и сл. Со конкретен план за урбанизација односно обезбедување нови градежни парцели за изградба на куќи со стимулација од локалната самоуправа.
КУРИР: Кои се капиталните проекти кои им ги ветувате на вашите граѓани од програмата 2021/2025?
Во тек е изработката на нашата програма каде што ќе понудиме конкретни проекти врз основа на суштинските потреби на населението, нема да имаме обемна програма но понудата ќе биде реална според реалните можности, да почекаме до официјалното презентирање. Суштината ќе биде решавање на проблемите од инфрастуктурата како и проекти поврзани со подобрување на квалитетот ма живеење на граѓаните.
КУРИР: Што е направено во изминатите четири години од ветените проекти на сегашниот градоначалник од редовите на СДСМ?
Ова е најслабата локална власт во историјата на општина Карбинци. За тоа говорат фактите и бројките. Имено имаат речиси 95% нереализација на програмата од 2017 год. Па дури и започнатите проекти се далеку од завршна фаза, дефинитивно немаат со што да се пофалат во корист на народот. Ветуваа нова училишна зграда, велосипедско пешачка патека, брана на Козјачка река, започнаа да градат нов мост во Карбинци и веќе 2 години никако да го завршат, и многу други проекти кои се далеку од реалност со оваа власт.
КУРИР: Кој е Виктор Паунов приватно?
Виктор Паунов е семеен човек, оженет и татко на Филип(5) и Петар(2). Дипломиран на Факултетот за Музичка уметност на УГД Штип, магистрант на Музичка теорија и педагогија. Вработен во приватен сектор во делот на транспорт и логистика, во организација на меѓународен транспорт. Љубител на велосипедизам, ентузијаст, и борец во животот секогаш со упорност до вистински резултати, сака добра книга, историја и филм.