Господине Заев долго и бомбастично најавуваната реконструкција на владата мислам дека и самиот сте свесен и пред да се случи свесен сте од реакциите на целата јавност дека таа го доживеа всушност и своето фијаско, му порача пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ана Лашкоска на премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница.
Лашкоска нагласи дека граѓаните очекувале реконструкција каде што навистина ќе бидат променети сите министри кои што се покажале исклучително слаби во нивното работење и дека изјава на Заев за именување на министер за финансии наишла на потсмев кај граѓаните, односно како што рече, граѓаните на социјалните мрежи го клонирале Заев и предлагале тој да ја води целата влада.
Според Лашкоска недозволиво е тој самиот лично да се предлага за раководите на министерството за финансии, додавајќи дека на тој начин Заев ќе има контрола врз сите институции.
-Недозволиво е еден премиер самиот да се предложи за министер за финансии. Недозволиво е да си дозволите вие лично да имате контрола над управата за имотно правни односи контрола врз УЈП, царина, контрола врз финансиската полиција, игрите на среќа, стоковите резерви, како и еден куп други институции. Оттука се поставува прашањето, тогаш кој ќе ве контролира вас? Нема да има ниту една институција која ќе ве контролира вас, зошто ќе биде апсолутна власт во рацете на еден човек а тоа е Зоран Заев, истакна Лашкоска.