понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ласовска за „Јавно“: Не само квантитет, туку и квалитет во УЖ на ВМРО-ДПМНЕ

Ласовска за „Јавно“: Не само квантитет, туку и квалитет во УЖ на ВМРО-ДПМНЕ

По повод неодамнешниот избор, Редакцијата на Јавно.мк направи интервју со Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.

ЈАВНО: Најпрвин, честитки за изборот и Ви посакуваме многу среќа и успеси на политички план. Но, со оглед на тоа дека доаѓате на чело на Унијата во турбулентно тешко време за државата, јасно е дека големи се и предизвиците кои Ве очекуваат во наредниот период. Дали ќе ги пресретнувате во чекор или веќе имате план за делување?

Ласовска: Дозволете најпрво да ви се заблагодарам за вашиот интерес за ова интервју и за честитките. Се сложувам со вашата констатација дека е турбулентно, тешко време, јас би рекла историски најтешко и како партија, но пред се’ како држава се соочуваме со огромни предизвици. УЖ на ВМРО ДПМНЕ е најбројната и најдобро организираната женска политичка структура во Република Македонија и за мене лично, но и за членките на ИК на УЖ и целата структура, овие предизвици се само дополнителен мотив, силно да се вложиме во решавањето на проблемите кои се во делокругот на нашето делување. УЖ на ВМРО-ДПМНЕ секогаш има план за делување и така и ќе остане. Ние сме важен столб во ВМРО-ДПМНЕ, но и во државата генерално. Нашите бројни активности се сериозни, општествено одговорни и визибилни. Така било, така и ќе остане.

ЈАВНО: Несомнено е дека влогот на претходните раководства на УЖ воопшто не е за потценување. Вие бевте дел од претходниот ИК на УЖ, сведок на сите случувања во рамки на женската структура во партијата, но и донесувач на одлуки со Вашиот глас во највисокото тело. Прашањето е што е она што ќе задржите како добра пракса и ќе биде во иднина практикувано од Ваша страна, а што е она што ќе го отфрлите како лоша пракса на менаџирање кое не вродило со плод во минатото?

Ласовска: Влогот на претходните раководства е огромен. Јас сум горда на сите тие храбри и достоинствени жени кои ја формирале Унијата. Впрочем и сум сведок на нејзиното формирање во деведесетите години, од страна на доктор Марија Јорданова од Велес. Многу добро паметам како тогаш работеа и со каков ентузијазам го формираа јадрото. Соработував со сите досегашни претседателки на УЖ, бидејќи осум години бев претседател на ОК УЖ Свети Николе и член на ИК на УЖ и ќе кажам дека, секоја од нив оставила свој белег, свој печат во работењето. Тоа е огромен труд, лична заложба и ние само треба да го следиме патот кои го трасирале, но и да проектираме нови хоризонти, водејќи се пред се од нашата десничарска идеологија. Но пред се’ и над се’, во фокусот да ни се жените, нивната општествена инкорпорираност, нивните секојдневни проблеми, кои не се мали и да бараме начини како нашево општество да ги решава. Кога ме прашувате за добра или лоша пракса, мојот одговор би бил следен. Не би ги класифицирала активностите на УЖ како добра или лоша пракса, туку како повеќе или помалку успешно реализирани идеи и настани. Како вели нашиот народ, кој работи, тој и греши. Само грешката да не е со умисла и да не е намерна. Нашата работа е согласно Статутот на Партијат и согласно Деловникот за работа на УЖ. Ќе се трудам да го следам тој курс и да реализирам проекти и активности, во кои ќе се препознаат сите жени, а не само членките на ВМРО ДПМНЕ. Тоа ми е цел. Затоа што проблемот на секоја жена, е проблем на општеството. Тој мора да биде препознаен, осознаен и секако во рамките на возможното, истиот да биде решен. Македонките, Албанките, Ромките, Турчунките, Србинките, Влаинките, сите кога се соочуваат со било каков проблем, кој општеството или не го препознава или не го решава, реагираат на ист начин. Сите сме пред се’ жени, сопруги и мајки. Затоа ќе се обидеме, како и до сега, да даваме идеи за системски и трајни решенија.

ЈАВНО: Вие сте пратеничка во Собранието на Република Македонија. Јавноста ве следи подолго време и впечатокот е дека сте борбена жена која жолчно реагира на политиките на владејачката гарнитура и емоциите не можете лесно да ги прикриете. Партиската функција која ја имате во моментот не е нималку лесна и ќе бара од Вас дополнителни вложувања, и тоа не само на национално ниво, туки и во смисла на следење локалните политики на градоначалниците поставени од страна на СДСМ. Г-ѓо Ласовска каква е моменталната состојба со општинските комитети на Унијата на жени?

Ласовска: Јас сум пратеник во Собранието на Република Македонија од 2014 година. Понекогаш реагирам жолчно на погрешните политики, бидејки сум таква личност. Оние што ме познаваат, знаат дека во мојата природа, е да реагирам на неправда, на нетолеранција, на политичка некултура, на нешта кои се очигледни, а ве убедуваат во спротивното. Сакам искрен пристап, колку и да звучи ова како фраза, особено во политичка смисла. Но,мислам дека е време да созрееме и политичката култура да биде нормална алатка за комуникација. За жал, оваа гарнитура на власт, не го покажа тој потребен капацитет во најцрните денови за нашата држава и можеби затоа, емоциите надвладуваат. Морам да констатирам дека ја имаме историски најнеспособната Влада во РМ. Огромен реваншизам, бркање од работа, мобинг, постојан притисок, дискриминација, не се европски вредности. Ќе ги надминеме ли овие негативни трендови некогаш? Што се однесува до состојбата со ОК на УЖ, ќе кажам дека е стабилна, структурата постојано има активности во рамките на подигање на свеста, за семејното насилство, правата на лицата со хендикеп и други маргинализирани групи, хуманитарни акции и многу други активности кои се редовна пракса на УЖ. Но, истовремено, секојдневно добивам поплаки од наши членки, за закани, уцени за бркање од работа и слични нешта, за кое немам намера да молчам и истите негативни појави ќе гикажувам јавно, а со цел ова да престане.

Целото интервју со Ласовска, прочитајте го на ЈАВНО

Најнови вести