Наместо Ковачевски од Шолц да бара гаранциите да станат институционални тој пред целата јавност кажува дека подобар договор немало што покажува дека тој е заробен и уценет човек кој има концесии кои не се концесии кон македонскиот народ, истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков во вечерашното гостување во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.
Тој додаде дека Ковачевски наместо да бара институционални гаранции тој на Шолц му вели дека подобар договор немаме со Бугарија.
Лефков посочи дека по лидерската средба помеѓу Ковачевски и Мицкоски факт е дека на Димитар Ковачевски иднината на ДУИ му е поважна од Македонија.
„Уставните измени се договорени без опозицијата и за кои гледаме дека се троши драгоцено време со месеци. Останува фактот дека процесот на евроинтеграција на Македонија е злоупотребен од политичките елити на СДС, ДУИ и од другата страна на границата Бугарија“, кажа Лефков.
Тој посочи дека промената на Уставот треба да дојде по завршувањето на ратификацијата, после членството на ЕУ со што ќе се оневозможи практично правото на вето затоа што Бугарите ќе немаат интерес да поставуваат вето.
„Имаме злоупотреба на идеи, институции и пораки. Тоа се гледа преку преговарачката рамка, преку пораки дека „подобар договор не може да добиеме“, злоупотреба на ЕУ знаменце за промена на закон за работни односи за продолжување на мандат за судии и јавни обвинители“, кажа Лефков.
Тој е дециден дека од другата страна се заборава дека кај 26 партнери земји членки на ЕУ Македонија има вистински партнери затоа што има безбројни дебати дека правото на вето неоправдано се злоупотребува од земји членки.
„Јавноста е добро информирана и околу 80 проценти од граѓаните се против уставни измени под бугарски диктат и едноставно со нови избори ќе мора да ја пресликаме волјата на народот затоа што оваа Влада има други лукративни интереси зад себе“, заклучи Лефков.