Никогаш немало повеќе пцовки, повеќе омаловажувања, повеќе кршење на Деловникот на Собранието, самоволно и своеволно толкување на Деловникот за она како треба да се применува. Македонија се наоѓа во незавидна состојба кога ќе се погледне здравствената, електроенергетската состојба, сите аспекти ни се распаѓаат а со раководењето на законодавниот дом од страна на Талат Џафери за жал се урнисува она што се гради како демократски капацитет, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков за „Што не е јасно“ на Алфа телевизија говорејќи за поднесената интерпелација за Талат Џафери.
Лефков истакна дека немањето на одговорност не доведува таму до кај што сме, затоа мораме да воспоставиме систем секој да одговара, затоа се бара Џафери да одговара за стореното.
– Тој го прекршува и Етичкиот кодекс и на граѓаните на некој начин му дадоа јавна опомена и затоа треба да се повлече од спикерската функција. Самоволието го виде и јавноста со пцовките, навредите во Собрание, со последните настани каде буквално бевме заклучувани во собраниската сала, а тоа не го дозволува Деловникот. Според Деловникот заклучување е дозволено само ако има поименично гласање изјаснување на пратениците, но за да дојдете до тоа треба 5 пратеници да побараат. А тоа се прави со цел за заштита на интересот на јавноста кога се гласа за некој закон. Што овде не беше случај, рече Лефков.
Лефков потенцираше дека однесувањето на Талат Џафери во Собранието прави непријатна слика за државата и демократските процеси.
Кога имате држава која потфрла на секое поле граѓаните се борат со инфлацијата, да се руши демократскиот капацитет. Тоа не смее да се дозволи. Тоа е навистина непријатно чувство кога спикерот кој треба да биде прв меѓу еднаквите го прави тоа, се со цел да бидеме замолчени. Ова се случува за да се заштитат интересите на СДСМ и ДУИ. Поради сето ова и целосно нарушената клима за работа на Собранието затоа дојде интерпелацијата, изјави Лефков.
Лефков посочи дека дилетантското однесувањето на Џафери е слика на власта и затоа неопходни се и предвремени парламентарни избори.
– Затоа бараме поддршка од народот, ваквите чинови на кршење на законите и демократијата треба да бидат силно осудени. Станува збор за претседател на Собранието. Додека не дојдеме до предвремените парламентарни избори да не дозволуваме дополнително да се крши демократијата, изјави Лефков.