„Многу порано имаше понуди од наша страна дека треба да се оствари лидерска средба, да седнат да разговараат за најзначајните прашања. Но, за жал гледаме дека Ковачевски се занимава со соларниот картел и најверојатно не го интересира ситуацијата во Македонија и ја втурна целата македонска економија во една ситуација да плаќа двојно поскапа електрична енергија и да имаме проблем со конкурентноста. И гледате дека инфлацијата во Македонија е поразителна“, истакна Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија.
„Треба да расчистиме со три основни мита и три основни заблуди, дека контра обвинување може да сокрие криминал од вакви размери. Значи ниту едно контра обвинување, контра навреда или напад не може да ги сокрие фактите. Овде работиме само со факти. Вториот мит со кој што треба да расчистиме е неказнивост на корупцијата односно идејата за суперинтелигентни криминалци односно дека повлекувањето на основачки удел ќе биде основ да не ги разгледуваме целата државна помош која што ја добива директно фирмата основана од премиерот Ковачевски и неговиот кум Паунов. Замислете станува збор за милиони државни пари, државна помош дури гледаме и пари од Фондот за иновации кои што се слевале во фирмата основана од Ковачевски и во фирмата на кумот Паунов. И третиот мит со кој треба да расчистиме е дека оние кои што те довеле во криза не може да те извлечат од истата“, нагласи Лефков.
Лефков додаде дека Ковачевски и Паунов ја основаат фирмата „Пиксел Груп“ на 03.11.2017 година. И тоа е пет месеци откако СДСМ доаѓа на власт. За неполна година „Пиксел Груп“ основа фабрика во Кочани за фотоволтаични панели, а на отворањето цело СДСМ присуствува.
„КМГ ЕОЛ Квазар која што е основана од кумот на Ковачевски со СДСМ на власт добива 2 милиони евра државни тендери од ЈКП Комуналец Свети Николе префрлени во четири наврати 100.000 евра на ЕОЛ Квазар, фирмата на кумот на Ковачевски. Од ЈП Пасишта префрлени на КМГ ЕОЛ Квазар во две набавки, во едната 172.000 евра, а во другата 343.000 евра или вкупно 515.000 евра. Општина Ѓорче Петров на КМГ ЕОЛ Квазар има 48.000 евра“, истакна Лефков.
Тој посочи дека денес по медиумите дури излезе вест дека на кумот на Ковачевски му е поднесена и кривична пријава за несоодветен надзор кој што го извршил за половина милион денари.
„Општина Чаир префрлила 108.00 евра на фирма на кумот на премиерот. ЕВН на ЕОЛ Квазар над два милиони евра за изведба на работи и испорака на фотоволтаични панели. На договорот од една страна е кумот на Ковачевски, од другата страна практично е Ковачевски. Затоа што Ковачевски е мандатен сопственик“, нагласи тој.
„Доделување на државна помош на „Пиксел Груп“ значи од Владата на „Пиксел Груп“ – 8 исплати од 2019-та година до крај на 2021 година и тоа 27 милиони 262.082 денари или 443.285 евра од кои најголемата порција 12 милиони 531.359 денари или 203.761 евро се префрлени на 29.12.2021 година. А, Ковачевски станува претседател на СДСМ на 12.12.2021 година. Централниот одбор на СДСМ на седница на 27.12.2021 година четири дена пред Новата година го бира Ковачевски за мандатар на новата Влада. А, два дена подоцна на 29.12.2021 година новиот мандатар Владата која што е во оставка, а е во оставка поради оставката на Зоран Заев, Владата која е во оставка му префрла на два дена пред Нова година 12 милиони 531.359 денари на фирма основана од Ковачевски“, заклучи Лефков.