Зошто почина 6-годишната Јана? Клиничката болница во Битола е под вонреден инспекциски надзор. Комплетната документација ја чешлаат од обвинителството, полицијата, но се чека и вонредна инспекција од посебно формирана комисија од министерството за здравство.
Во меѓувреме се земаат изјави од инволвираниот персонал и се разговара со сите кои имале контакт со девојчето.
Директорот на болницата во Битола Александар Обедниковски, побара од министерот да се испрати комисија од Скопје за да нема сомнеж дека нешто се крие.
Веста ја вознемири јавноста, особено откако таткото на малата Јана обелодени дека според анализите на крвта таа имала шеќер 9, а потоа и дале и гликоза со инфузијата со што шеќерот дополнително се покачил на 19, по што починала. Причините за смртта ги коментираат и лекари на социјалните мрежи.
Докторот Ненад Лазаров во статус на Фејсбук вели „Од гликемија 19 не се умира акутно“.
На неговиот пост колеги лекари ја коментираат состојбата и велат:
„Не се умира од гликемија, но се умира од кетоацидоза. Тешка загуба за родителите, но компликација на хипергликемија во детска возраст, акутна состојба каде се јавува и инсулинска резистенција има ваква компликација„
Со ова се сложуваат и други лекари.
„ Дијабетски хиперосмоларен синдром помислив прво“.
„Тоа е причината претпоставувам. Тоа се ургентни состојби во детска возраст кој може да завршат со егзитус за жал“.
Сепак сите се сложни дека треба да се почека обдукцијата да ја покаже точната причина за смртта по што ќе се знае дали се работи за лекарска грешка или не.