среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Лекарите чекаат вистинско време за да проговорат за случајот Онкологија

Лекарите чекаат вистинско време за да проговорат за случајот Онкологија

Секоја нова сторија која открива на кој начин најблиските на болните од канцер се снаоѓале со лекарства уште повеќе го зголемува револтот кај граѓаните кои сакаат точно да се знае кој сè е вмешан во последната голема афера во македонскиот здравствен систем. Некои од нив покажуваат разочарување, некои воопшто не се изненадени ако и сето ова помине туку така, а некои пак не го кријат бесот и бараат конечно надлежните да излезат со конкретни имиња на сите инволвирани. Соговорниците на Фактор ценат дека во случајот се вмешани и лекари и среден медицински кадар и политичари.

-Повеќедеценискиот криминал на оваа клиника е првенствено „дозволен“ од највисоките структури. Тоа не може да не се гледа, да не се забележи, и токму затоа сега не треба да се молчи. Секој што бил инволвиран треба да се каже со име и презиме. И не е од сега проблемот. Мајка ми се лекуваше од канцер пред 15 години. Сосема иста беше приказната има цитостатици, нема цитостатици. Пробај побарај го овој, побарај го оној….Значи ова трае и никому не му текнува да стави крај, и секако за грдни пари, вели за Фактор Елена А. од Скопје, која е повеќе од убедена дека голем број од лекарите на Клиниката за онкологија се вмешани во аферата.

Фактор стапи во контакт со повеќемина вработени на клиниката, меѓу кои и со дел од лекарската фела. Велат дека сега не е време да даваат изјави, го чекаат вистинскиот момент.

-Ставени сме во позиција да се бориме со сеништа кои не знаеме од каде доаѓаат. Сега нема да даваме изјави и да се обидуваме да ги разјасниме работите. Ќе дојде вистинскиот момент кога ќе кажеме се што треба да слушне јавноста, велат некои од лекарите за Фактор, кои засега инсистираат да останат анонимни.

Од Јавното обвинителство за нашиот медиум потврдија дека секој ден за овој обемен случај има нови моменти, но детали не откриваат во инетрес на истрагата.

-Огромен број се повикани на распит, се работи во континуитет. Постои обемна документација по која детално се постапува. Јавноста ќе биде информирана, но не може да соопштуваме детали секојдневно, велат оттаму.

Во последното соопштение ОЈО најгласува дека ќе преземе дополнителни чекори за обезбедување максимална транспарентност и отчетност на постапката.

-Врз основа на барањето на онколошките пациенти изнесено на средбата која се одржа на 7. септември, Обвинителството побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија. Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид. Начинот на избор на пациентите е оставен на нивните претставници кои го изнесоа ваквото барање. Јавното обвинителство ги презема сите дејствија за обезбедување докази со цел проверка на наводите во овој предмет. Во таа насока, од самиот почеток е вклучен и лекарски и друг медицински персонал.

Најнови вести