Лекарската комора денеска на прес-конференција ќе информира за преземените активности во врска со случајот со анестезиологот од тетовската Клиничка болница кој на социјалната мрежа „тик-ток“ објави снимки од пациенти и медицински персонал.
На 43-годишниот лекар му е определена мерка притвор од осум дена, а министерот за здравство Фатмир Меџити побара одземање на лиценцата за работа.
Случајот во полиција го пријави директорот на болницата Плумб Вела. Тој во саботата одржа заедничка прес-конференција со министерот за здравство на која информираа дека лекарот е суспендиран од работа.
– Тоа се случило на одделението за киретажа каде тој работел како анестезиолог. Додека јас бев во Скопје видеото ми го прати еден новинар. Штом го видов видеото веднаш дојдов во Тетово и јас лично, како директор на болницата, случајот го пријавив во полицијата, бидејќи станува збор за сериозна работа, изјави Вела на саботата.