Претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи денеска во кабинетот на претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски ќе одржат лидерска средба. Единствена точка на дневниот ред на лидерската средба што ја свика шефот на државата е одложување на парламентарните избори.
Како што соопштија од кабинетот на преседателот, на лидерската средба е најавено присуство на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, и претседателот на ДПА, Мендух Тачи. На средбата ќе присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.
СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ вчера излегоа пред јавноста и соопштија дека се подготвени за одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април годинава.