Кабинетот на поранешниот претседател Иванов информира дека по 12-ти пат ќе се одржи традиционалната Школа за млади лидери на Претседателот Иванов. Денес е објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, која оваа година ќе биде на тема: „Лидерство во акција“.
Школата за млади лидери на претседателот Иванов се одржува од 2010 година. Во досегашните 11 обуки учествуваа околу 440 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус, а предавања одржаа над 220 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.
Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира комбинирано, онлајн и со физичко присуство, следниот месец, во периодот од 12-28 ноември 2021 година.
Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство, фокусирани на искуствата и знаењата кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат. Предавањата ќе се одвиваат на македонски и англиски јазик.
Бројот на учесници на Школата е ограничен, а право на учество имаат сите млади кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот објавен на веб страната (https://gjorgeivanov.mk/poranesen/info.html) и на фејсбук страната на поранешниот претседател Иванов (https://www.facebook.com/exmacedonianpresident/).