Заврши сведочењето на водителката Лила Филиповска за случајот „Рекет“. Обвинителката ја праша за нивните луксузни одмори, а таа одговори дека Боки во еден наврат бил во грчки ресорт со некои девојки, а таа и Сергеј Варошлија дошле само на еден ден.
Дента кога бил уапсен Бојан Јовановски, Филиповска била заедно со него и со новинарката Анета Кочишки.
Филиповска тврди дека, најпрвин по барање на Боки 13, дала донација од 25.000 евра за „1ТВ“, бидејќи како што рече, сакала да и помогне на телевизијата. Потоа следела и позајмица од 500.000 денари.
„Бојан го знам скоро 17 години. Прво бевме блиски пријатели, па бевме неколку години скарани, па после пак се смиривме. Во 2018 година на Бојан му позајмив 500.000 денари. Мене никој не ми дал позајмица од „БМЈ Медиа“, јас бев таа која даде позајмица“, изјави Филиповска.
Таа додаде дека биле неколку пати на викенд на одмор.
„Дента кога Боки беше уапсен, планиравме да одиме во Миконос. Одморот беше планиран од Бојан. Тој кажа дека се е организирано, а веројатно и платено, не стигнав да дознам. Јас си имам свои пари, си зедов со себе, не е должен мене никој да ме части. Веројатно ќе требаше потоа да се доплати, затоа си имав свои пари“, рече Филиповска. Бојан Јовановски немаше прашања за долгогодишната пријателка.
Судијката Мери Дика – Георгиевска од Апелациониот суд Скопје, кума на обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13, прва даде исказ на денешното рочиште како сведок на Обвинителството.
„Бојан Јовановски го знам од дете бидејќи со неговата мајка се знам повеќе од 50 години, од претшколска возраст. Јас колку што знам, по враќањето од Белград, Бојан работеше на проекти за заштита на ранливи категории, по мое знаење финансирани од ЕУ. Во 2017 година, Бојан кажа дека е избран да биде претседател на Меѓународниот сојуз за Македонија. На тој настан имаше видни луѓе, а јас таму бев поканета како гостин. Бојан од Белград се врати доста изменет, посериозен. Работеше на проекти и ја отвори телевизијата“, рече Мери Дика Георгиевска, чија сестра Агапи Дика беше претседател на Меѓународниот сојуз и беше повикана како сведок во вториот дел на „Рекет“, кој се однесува на оваа организација.
На прашање, апелациската судијка потврди дека таа патувала со Боки 13 и неговата мајка. Едно од тие патувања било и тоа во 2018 година кога заминале со кола за Милано. Таа рече дека во Италија одела секогаш кога можела, бидејќи таму веќе пет години живее нејзиниот син, нагласувајќи дека не знае што купувал обвинетиот, но дека на враќање на нејзино име пополниле два формулари за поврат на данок.