петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Лиле Стефанова: Јанева бараше предметите да се затворат и осомничените да не одат во затвор

Лиле Стефанова: Јанева бараше предметите да се затворат и осомничените да не одат во затвор

Лиле Стефанова, јавен обвинител во Специјалното јавно обвинителство, даде официјален став во врска со објавените снимки поврзани со случајот „рекет“. Нејзиниот став објавен на веб страницата на Специјалното јавно обвинителство го пренесуваме во целост:

„Како предметен обвинител за предметот ‘Империја’, кој засега е во центарот на вниманието и околу кој кружат голем број на шпекулации, сметам дека неопходно е во јавноста да изнесам одредени информации, токму во насока на спречување на таквите шпекулации:

-Во втората половина на месец декември 2018 година, јас лично како предметен обвинител изразив несогласување со одлуката на Катица Јанева на осомничените во предметот ‘Империја’, мерката притвор да им биде заменета со мерка куќен притвор. Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат на истрагата што се покажа како точно, имајќи ги во предвид сега објавените снимки.

-Во месец март 2019 година, јас не се согласив и со одлуката на Катица Јанева да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Цветан Панделески, но и покрај моето спротиставување, таква согласност беше дадена.

-Одлуката да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Јордан Камчев, Катица Јанева ја донела во време кога јас користев годишен одмор и за истата не ме извести. За оваа одлука дознав од обвинителката Елизабета Јосифоска, кај која било донесено на потпис писмено изготвеното мислење.

-На 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите ‘Империја’ и ‘Поштенска банка’. Конкретно, ни беше наложено, најкасно до 06 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмета кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите ‘да бидат тука затворени’ и осомничените ‘да не одат во затвор’. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот ‘Империја’ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период.“

Најнови вести