Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска уште еднаш јасно покажа целосна неупатеност во проблематиката, немање на визија, немање концепт за развој на културата, ниту пак грижа за културните работници! Рече на прес-конференција Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ.
-Со вакво еклатантно непознавање на културата, Бисера Костадиновска- Стојчевска воопшто не знае кој ресор го претставува! Според неа: Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата, ќе биде објавен на 17 октомври 2022 година. Тоа е незаконски, тоа е кршење на Законот за култура, член 62. Вообичаениот тајминг за објавување на Конкурсот бил најдоцна до 5 септември. Сето ова влијае на: Именување на Стручните Комисии со задоцнување, кратење на рокот за одлучување, и објавување на Годишната програма и реализација на проекти безмалку во мај 2023 година. Повторно ќе имаме половина година изгубена како и оваа. Покрај непознавање на проблематиката, министерката покажува и елементарна некултура и нервоза во јавноста, недостојна за позицијата. На прашање дали во 5 години Министерството има реализирано капитални проекти и кои објекти, одговорот и беше дека не знае, а всушност нема ниту еден! А, да потсетам кои капитални проекти за изградба и реконструкција на објектите од областа на културата и се во програмата на министерката за култура, а од кои нема ништо!: Изградба на Турски театар во Скопје, изградба на Театар и библиотека во Тетово, изградбата на театарот во Струмица, реконструкција на театарот во Куманово, реконструкција на Центарот за култура во Кочани, реконструкција на Центарот за култура во Гостивар, реконструкција и санација на Националната универзитетска библиотека Св. Климент Охридски во Скопје. Сите проекти почнати во време пред 2017 година, наследени и незавршени во 5 цели години и ја делат судбината на автопатот Охрид-Кичево. ВМРО-ДПМНЕ постојано реагира на недоследностите кои се составен дел од работењето на министрите за култура, почнувајќи од скандалозните Годишни програми, незаконски избори на директори, злоупотреба на функциите на истите, вршење притисоци и мобинг кон вработените, дури и нивно бркање од работните места. Потоа, за негрижата и девастирањето на: објектите на културните установи, археолошките локалитети, сакралните објекти и останатите културни добра. Немање на однос кон музејските збирки, нематеријалното културно наследство, стимулацијата и грижата кон домашното творештво. По истиот принцип не водите сметка ниту за културните работници, луѓе кои секојдневно ја испишуваат македонската културна историја! Оваа година под силен притисок на јавноста и на синдикатите ги зголемивте платите кои законски следуваат според колективниот договор, пренаменувајќи средства од програмските содржини. Со ова направивте огромни долгови кои ќе се прелеат во идната година, знаејќи дека буџетите за годишните програми во 2023 година ќе бидат скратени, а со тоа нема да има од каде дополнително да префрлате средства. Кратко кажано, свесно влеговте во оваа авантура само за моментален спас на Вашата Влада! Министерке Вие и Вашата Влада сте купи ден политика, манипуланти кои си поигруваат со судбините на 3.000 луѓе во културата! Вие, кои ниту знаете ниту сте дел од оваа фела ниту некогаш ќе припаѓате, и не претставувате никаков авторитет во очите на културните работници, истакна Љутков,
Со ваквите постапки го уништувате и тоа малку што е останато од културното наследство, националниот идентитет и достоинството на Македонците! И сосема на крај, во однос на катастрофалниот извештај на Европската комисија во делот за култура, во наредните неколку дена Комисијата за култура на ВМРО ДПМНЕ ќе излезе со прес конференција на оваа тема, додаде тој.