СДСМ за време на ковид кризата не одвои ни секунда да им помогне на уметниците и културните работници, иако доколку се изработеа протоколи не само што ќе функционираше културата, туку и ќе им се помогнеше на граѓаните во овие тешки моменти да им се крене културно националниот дух, изјави Зоран Љутков, претседател на Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ на панел дискусијата во организација на ВМРО – ДПМНЕ, а насловена како „4 години Заев, 4 години украден живот, доста е“.
– Додека земјите од Европа и соседството направија строги протоколи и ги отворија кината и театрите за да се крене националниот дух и има културно возвишување во една ваква тешка ситуација. Бидејќи поради актуелната ситуација со ковид кризата не можеа да се исполнат програмите на националните институции, министерката требаше средствата од програмските активности да ги префли и да најде модел и да им се помогне на уметниците, потенцираше Љутков.
Тој додаде дека толку има негрижа од власта за уметниците и културните работници што не се работи на јакнење на капацитетите, туку на губење на работни позиции кои се од стратешко значење, како и дека освен распад на националните институции ништо друго не се случува.
– Потребна е поголема автономност и слобода, но сега власта фузира некомпетентни кадри. Ако министерството за култура е мајка на сите институции од културата, може да се рече дека мајката не се грижи за своите деца бидејќи има распад на сите национални институции, нагласи Љутков.