Ловечката федерација на Македонија ги поздравува и поддржува биосигурносните мерки што ги воведе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) како превентива од африканската свинска чума, но се противи на влучувањето на Армијата во отстрелот на диви свињи и на рокот од 10 дена за застрел на 50 отсто од годишниот план.
Ова денеска го порача претседателот на Ловечката федерација на Македонија, Влатко Алексоски, на прес-конференцијата во МЗШВ што се одржа по средбата на ресорниот министер Трајан Димковски со претставници на Ловечката федерација и Национални шуми.
Предложивме и поддржуваме биозаштитни мерки, но се противиме на можноста за вклучување на Армијата во спроведување на отстрелот на дивата свиња и поставување временски ултиматум од 10 дена за реализација на 50 отсто од планираниот годишен застрел, бидејќи реално таа бројка за 10 дена не може да се постигне- рече Алексоски.
Тој посочи дека заедно со концесионерите наскоро ќе излезат со конкретни мерки до ресорното Министерство и до Владата.
Како концесионери и ловци сме загрижени за нашиот дивеч и сакаме отстрелот да биде во разумни граници и да не се доведе на биолошки минимум, односно да не дојде до негово истребување – рече Алексоски.
Министерот Димковски ги повтори одлуките од последната владина седница поврзани со преземањето превентивни мерки за спречување на ширењето на болеста африканска свинска чума што ја има во соседните земји.
Во превентивата се фокусиравме на намалување на бројот на диви свињи во кој е вклучена Ловечката федерација на Македонија. Ќе следат и средби со здруженијата на одгледувачи на свињи. Кај нас се уште нема појава на болеста, но сме една од првите земји која презема превентивни мерки. Се решивме тоа да го направиме пред појавата на болеста, бидејќи сметаме дека на тој начин ќе се заштедат пари во буџетот. Истите мерки, но многу порадикално ќе треба да се преземат и доколку дојде до болеста, а тогаш загубите во свињарскиот сектор ќе бидат многу поголеми и бројот на дивите свињи ќе се доведе до биолошкиот минимум – рече Димковски.
Во земјава има околу 120.000 свињи од кои 18.000 се сместени во близу 2.000 одгледувалишта, кои имаат од една до 10 свињи и не можат да ги обезбедат основните биосигрносни мерки за заштита од африканската свинска чума. МЗШВ предвидува околу 65 милиони денари за обесштетување од 3.000 денари на сточарите кои не можат да ги обезбедат основните биосигурносни мерки. Се нудат и по 1.000 денари за застрелана дива свиња, како и ловџијата да може да го задржи месото. Концесионерите плаќаат концесија од 20 отсто од државната цена од предвидениот отстрел. Државната цена изнесува 13.500 денари за машка дива свиња и 5.500 за женска.