Европскиот суд за човекови во Стразбур (ЕСЧП), постапувајќи по предметите за процесот на лустрација во Македонија, досега има донесено шест пресуди против нашата држава. Во меѓувреме постапува и по три други предмети. Владиниот агент за застапување на Република Македонија, пред ЕСЧП, Даница Џонова, за МИА изјави дека, освен за овие предмети, не може да даде други информации дали постојат во Стразбур други апликации на оваа тема. Според Џонова, владиниот агент, преку него и државата прв пат дознава за поднесени апликации тогаш кога тие ќе бидат доставени на одговор.
-Од моментот на нивно поднесување до моментот на нивно доставување одговор за државата може да поминат години”, појаснува Џонова.
Во однос на пресудите на ЕСЧП, таа додава дека вкупниот износ на обесштетување од шесте досегашни пресуди изнесува 32.400 евра”.
Моментално пред ЕСЧП, како што истакна Џонова, во тек се постапките за предметите за лицата Владимир Милчин, Кирил Псалтиров и Николче Бабовски.
Инаку, прва пресуда на ЕСЧП, против процесот на лустрација во Македонија, беше за поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски, објавена во јануари 2016, односно оваа одлука стана правосилна во април истата година.
Потоа следеше пресудата за Петар Карајанов, во 2017 година. Во следната 2018 година, ЕСЧП објави две пресуди за Исак Ајрули и Никола Костурски. Последните пресуди против процесот на лустрација од страна на ЕСЧП беа објавени во 2019 година, односно во септември беа објавени одлуките за Драги Билески и во ноември за поранешниот пратеник на ПДП, Сефедин Харуни.