Ако мислевме дека резултатите од конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2022 се најлоши до сега, сме се излажале. Има и полошо, а тоа се резултатите од оваа година 2023та година. И оваа година се потврдува континуираната владина негрижа, незнаење и целосна незаинтересираност за македонската национална култура. Па така, во историски најголемиот владин буџет досега, предвидени се најмалку финансиски средства за проекти од областа на културата односно пет милиони евра помалку од лани. Од видливо намалените програмски средства, повеќе од јасно е дека културата за 2023 година го допре дното, но ништо не може да очекуваме од држава којашто нема национална стратегија за култура и во која без изграден консензус за националните приоритети се донесуваат брзоплети решенија, истакна Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Кажаното на исклучително краткиот, конфузен и сосема непотребен прес од страна на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска е спротивно на објавените резултати од сајтот на Министерството. Преку нелекторираните објавени резултати, добивме апатична, неинвентивна и неизбалансирана годишна програма во културата во која се скратени безмалку 50 % од програмските средства.
Видливо е намален интересот и бројот на апликанти. Ако во 2021 година, аплицирале над 6000 корисници, оваа година, поради комплетната неподготвеност на системот за електронско аплицирање, бројката на апликанти опадна за околу 3000.
Но, што е она, со кое ќе се пофали Министерството за култура со ваквата осакатена годишна програма? Одговорот е едноставен, финансиски предимензионирани проекти, за нови, неетаблирани фестивали кои се поддржани со несразмерни големи износи, комерцијални и естрадни проекти, што е спротивно на дадените приоритети и депресивна понуда од националните институции.
Програмата на националните институции, кои се столбот на градењето, стимулирањето, промоцијата и грижата на македонската култура, ја исфрла на површина комплетната руинираност, некадарност и неинвентивност на носителите на културните политики во државава, правејќи ги целосно невидливи и безидејни на речиси сите културни полиња.
Но затоа пак, приоритет и оваа година ќе се даде на проектите на невладините организации и владините апологети од Шарената револуција. За сликата да биде помагловита, целосно потфрлија големите национални институции во театарската, музичко-сценската дејност, неколкуте Центри за македонска култура во странство, чија културна понуда за 2023 година се сведува на репетиција на стари проекти, или на едвај две премиерни изданија на пример во МНТ, или на цели два проекти во Музејот на Современата уметност, а скоро 85% од нивните буџети одат на материјални трошоци и заостанати долгови од минатата година.
Инвестициони проекти скоро и да нема, а одобрените финансиски средства за инвестиции се сведуваат на тековно одржување.
Потоа, Република Македонија, втора година по ред, ќе ја нема на саемот за книгата во Франкфурт, но за сметка на тоа продолжува практиката една фирма во ликот на други пет ќерки фирми да добиваат по неколку проекти.
Драстично е намален и буџетот за издавчка дејност за 40% во однос на ланскиот, во услови на зголемени поскапувања и трошоци. Проектите во издавачката дејност се поддржувани без мерила, без критериуми, што се гледа по смешно малите износи на поддршката. Очигледно е дека преку овој конкурс владејачката коалиција се пресметувала со неистомислениците, но е немилосрдна и кон критичарите.
Големите јубилеи кои на вчерашниот прес, министерката ги најави со посебно внимание, за жал не можете да ги пронајдете во бројните табели на сајтот на Министерството.
Но најголемата, запрепастувачка вест е дека оваа „исцедена“ културна програма е донесена под силни притисоци кон дел од членовите на комисиите во Министерството кој резултираа со своеволни одлуки на министерката. Во вакви услови се наметнува прашањето за објективноста и квалитетот на изборот.
Ваквите „европски манири“ на носење културни политики, резултираат и со само пет проекти од областа на евроинтеграциите кои „успешно“ треба да го трасираат патот кон идното интегрирање во Европската Унија. А, одобрените финансии воопшто и не треба да ги споменуваме!?
Бројните неправилности и нерегуларности видливи се и преку неподготвеноста на корисниците за електронското аплицирање, преку преседани како оној со петчелни комисии кои одлично си ги наплатија своите услуги, па сè до нотирање на проекти во сосема спротивни сектори, како оние од филмска дејност кои се финансираат од средства за интердисциплинарни проекти.
А за трагедијата да биде уште поголема, од нематеријалното културно наследство на Македонија нема да пронајдеме ниту еден проект, ниту на овластените субјекти за заштита, ниту од носителите на добра, а заштитата и дигитализацијата на аудиовизуелните добра е целосно маргинализирана со скоро 50% намален буџет.
Почитувани Владата СДСМ и ДУИ гласно ја најавуваше својата посветеност во заштитата на културното наследство, а зад таа лажна гласност се крие нивното вистинско лице и намера за делегитимирање на македонското културно наследство. Суптилно се протнува изложба од типот „Сребрена Тракија“ од Бугарија во Археолошкиот музеј на Македонија, а наспроти тоа, се кријат златните предмети од македонската почва во депото на истиот тој музеј.
Резултатите од Годишната програма јасно ја потврдуваат неспособноста на владата СДСМ-ДУИ, конкретно, во доменот на културата. А, во деновите што следат револтот на јавноста ќе биде голем, а реакцијата жестока. На сите засегнати министерката Бисера Костадиновска Стојчевска ќе треба да им погледне во очи. Но за такво нешто треба верба во праведноста, јасен поглед и чист образ, а министерката тоа го нема. Затоа – Оставка веднаш!, додава Љутков.