Во најголемата болка која ја живеам, најдов брат кој ја живее мојата болка. Го барам моето синче, а најдов брат, вели Маја Трпчевска, мајка на Пино Секондо (26) кој исчезна уште во декември минатата година и од кого нема никаква трага речиси три месеци, објави Фокус.
Човекот кого таа го нарекува свој брат по болка е Бекир Аслан, татко на Арбен, кој исто така е исчезнат повеќе од еден месец. Бекир дојде на протестот организиран од Трпчевска пред три дена пред Собранието во Скопје, со цел да и ја даде својата поддршка и да и порача дека не е сама.
Пред медиумите тој изјави дека син му бил семеен човек, татко на две малолетни деца. Последно бил забележан како влегува во автомобил на 23-ти јануари, и од тогаш му се губела секаква трага. На протестот мајката на Пино го искажа своето незадоволство од институциите и бараше одговори од надлежните. На втори март таа повторно најави протест пред Собранието, со почеток од 13.30 часот.
Мили луѓе, од која и да сте вера, дојдете во сабота на втори март да ни дадете поддршка.