понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Македонците со бугарски пасош нова пречка во разговорите со Софија

Македонците со бугарски пасош нова пречка во разговорите со Софија

Македонците со бугарски пасош стануваат дел од разговорите  што во наредниот период треба да ги водат Скопје и Софија, најавува бугарското Министерство за надворешни работи. Во писмен одговор до бугарскиот весник Труд од ресорот на Екатерина Захариева велат дека позициите на Бугарија во однос на Македонија не можат да се променат ни во наредните 6 месеци особено имајќи ги предвид македонските граѓани кои имаат и бугарско државјанство, пренесе СИТЕЛ.

“Би било неразумно да очекуваме дека бугарската позиција ќе се промени. Оваа позиција е предмет на натпартиски консензус и 84 отсто јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на Република  Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе“, посочуваат од бугарското МНР.

Овој став на Софија предизвика бурни реакции дома. Поранешниот пратеник Илија Димовски посочува на Договорот со Бугарија во кој сме прифатиле Софија да се грижи за сите свои граѓани, но нагласува дека Македонците со бугарски пасош пред се’ се македонски државјани.

Димовски посочува дека овие државјанства немаат етнички предзнак, туку економски и дека се можело да се надмине со одбиеното членство во Европската економска зона, каде македонските граѓани ќе ги добиеле истите привилегии како со бугарските пасоши.

И поранешната пратеничка Лилјана Поповска оценува дека бугарските пасоши стануваат алатка за манипулација на Бугарија.

„Бугарските пасоши се новата алатка за изживување врз Македонија. На сите им е јасно дека најголем дел се побарани од економски причини, поради блокадите и уцените од комшиите. Но ќе бидат злоупотребени, дефинитивно. Изгледа треба да се помириме дека европскиот сон на Македонија е неостварлив за догледно време. Да си бркаме работа, да си ја средиме државата и да си подадеме раце за соработка. Да научиме барем малку себичност од поразвиените земји. На волкот му е дебел вратот, зашто сам си ги брка работите!“, пишува Поповска на Фејсбук.

Реагираа и од ВМРО-Народна партија.

„ВМРО-Народна партија во своите редови има голем број на членови кои покрај тоа што поседуваат бугарско државјанство на попис се изјаснуваат и како македонски бугари. Фактите го зборуваат токму спротивното дека додека трае овој спор ниту еден македонски граѓанин што поседува бугарски пасош, се декларира за македонски бугарин или пак едноставно декларирал пријателство кон Бугарија нема кажано никако позитивен збор за бугарското вето“, пишува во соопштението на партијата.

„Сител“ го контактираше и Здружението на Бугари во Македонија „Бугарски кулутрен центар“ за став дали Македонците со бугарски пасош застануваат на среде меѓу Скопје и Софија, но за сега тие остануваат без коментар.

Најнови вести