Втора во Европа, прва во регионот. Македонија е на врвот по бројот на починати новороденчиња, веднаш зад Молдавија. Во земјава, едно од 120 бебиња ја губи битката за живот во првиот месец по раѓањето, објави организацијата УНИЦЕФ на почетокот на кампањата која треба да стави крај на овој поразителен тренд.
Регионот ја претрка Македонија во мерките за намалување на смртноста кај новороденчињата. Србија, Босна и Херцеговина, Словенија имаат тренд на намалување на смртноста, а Македонија осма година по ред никако да се справи со проблемот. Низ годините црни статистики станаа главен белег на државата.
„Македонија отсекогаш имала највисока стапка на смртност на новороденчиња во овој дел од Европа. Ова е долгорочен проблем, но она што загрижува е зголемената стапка на смртност од 2010 до 2018 година. Она што е неопходно е да се адресира недостигот на здравствени посети, односно прегледи на бремените жени како и нивниот пристап до одделенија за пренатална грижа, квалитетот на работа на здравствените институции како и однесувањата ризични за бременоста. Да се подобри и механизмот за мониторирање на смртноста и причините за неа“, вели Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ.
Смртноста на новороденчиња во Македонија не се совпаѓа со економкиот развој на државата, бидејќи ваквите поразителни бројки се карактеристични за најсиромашните земји. Министерството за здравство не ги коментира бројките, но се пофали со 16-те инкубатори што Владата и ги даде на Клиниката за гинекологија. Оттаму потенцираат и дека веќе преземаат мерки на краток рок. Се ревидираат упатствата, по што на ред ќе дојде набавката на животоспасувачките лекови, кои во моментот ги нема во родилиштата.