Фактот дека просечната нето плата на вработените во Министерството изнесува околу 26.000 денари (мај 2021), што е за речиси 10 проценти помалку од просечната нето плата во државата, започнува да разјаснува еден дел од причините за тонењето на дигнитетот на македонската дипломатија. Станува збор за специфична професија со експертиза за меѓународна комуникација, која меѓу другото и ја претставува државата, реагираат од Македонски Дипломатски Синдикат.
Во продолжение следува интегрален текст од нивното соопштение:
Сликата во МНР денес е поразителна – голем дел од вработените доаѓаат на работа во патики, фармерки и маички и не го почитуваат кодексот за пристојно облекување, каде што се пропишува дека формалниот начин на облекување ја изразува почитта на дипломатот кон службата, но и кон колегите, соработниците и странките. А формалниот начин на облекување чини пари.
Со просечна плата пониска од онаа во земјата, тоа е тешко остварливо. Со тоа што не се бори за нормализирање на животниот стандард на своите вработени кои не ретко поради природата на работата се и единствени вработени во своите семејства, раководството на МНР практично го губи моралното право да бара почитување на моралните и етички кодекси од своите вработени, па моралното лизгање надолу, кое што за жал се проширува и врз односот кон работата, продолжува.
Згора на ова, раководството на МНР веќе неколку години престана и упорно одбива на вработените да им ги сервисира потрошувачките кредити, иако тоа за нив претставува големо економско олеснување при набавка на предмети за домаќинство со попусти и на бескаматни рати, кое што ништо не го чини работодавачот.
Одговорноста за ниските гранки на кои спадна дипломатијата во голема мерка лежи кај Министерството за надворешни работи. Немањето визија и административен капацитет за развој ги става вработените во состојба на неизвесност и економско исцрпување и упорно продолжува да го дотолчува и она малку углед што нашата дипломатијата го има. Наша обврска како Синдикат е да укажуваме и да бараме зајакната соработка од раководството за надминување на ваквите состојби. За жал, освен декларативна подготвеност, раководството на МНР во пракса континуирано ги игнорира нашите барања за суштински дијалог.