Деновиве во МНР се спроведуваат нови дисциплински постапки, овој пат против тројца дипломати, „случајно” повторно членови на МДС, кои во своето слободно време, во сабота, имале настап на трибина на тема македонската дијаспора. За грев не им е земено тоа што имале настап вон МНР, ниту пак содржината на нивните излагања, која била беспрекорна. Напротив, содржината на нивните настапи на перфектен начин се вклопила во она што, инаку, би требало да го прави јавната дипломатија на МНР – да им се помогне на нашите иселеници како да се справат со различните конзуларни аспекти во време на пандемијата и сл.
Станува збор за релативно млади дипломати со неспорен квалитет, интелектуалци кои имаат знаење и став да даваат свој придонес во јавната дебата по важни прашања. Апсурдот да е поголем, дури и тие што им ги поднеле пријавите посебно нагласиле дека се работи за најквалитетниот дел од службата, на кои тие, како нивни шефови секогаш можеле да се потпрат.
Со еден збор, иднината на македонската дипломатија.
Во постапката е потврдено дека овие тројца млади дипломати на ниту еден начин не го нарушиле угледот на МНР. За грев им е земено само тоа што за своите настапи не побарале согласност од министерот. Само тоа. Притоа, постапката се повикува на (не)славниот Етички кодекс на МНР, кој предвидува ваква обврска за вработените.
Поттикнат од вакво едноумие, МДС деновиве поднесе барање до Уставниот суд за прогласување на оваа одредба за ништовна. Не само што ваквата одредба на Етичкиот кодекс е спротивна на Кодексот донесен од МИОА, туку е во спротивност и со највисокиот акт на државата, Уставот, со кој слободата на јавната мисла и правото на настап се недвосмислено заштитени, како дел од основните човекови права и слободи.
МДС се бори за остварувањето на работните права, но и за дигнитетот на дипломатската професија и дигнитетот на дипломатите. Дипломатите не се ничија сопственост за да робуваат на наметнати ограничувања во нивното слободно време. Впрочем, тоа и законите го пропишуваат. Уставот гарантира слобода на јавна мисла и јавен настап и ниту еден подзаконски акт не може оваа слобода да ја ограничи.
Согласно обвинувањето, се чини дека случаите на дисциплинските постапки за “тројцата непослушни” се сведуваат на истерување на его на министерот, кој нели, без оглед што е тоа спротивно на Уставот, сепак инсистира да биде прашан, иако никаде не е регулирана постапка ниту рок за негов одговор, па најчесто дипломатите се чудат колку долго ќе треба да го чекаат, а состојбите на теренот бараат брзо постапување.
Ваквиот однос на МНР протежира “папет” дипломатија, потиснување на иницијативноста, креативноста и лидерството на дипломатите, за сметка на пасивност, клиентелизам, принцип на незамерување и потврдно климање со глава во стилот “да, шефе”. Нашата држава има доволно закони со кои би се спречило објавување класифицирани информации или нарушување на угледот на МНР и поради тоа не постои потреба од ваквата срамна одредба во “Етичкиот кодекс”, чија единствена задача се чини е на мала врата да обезбедува можност за малтретирање и шиканирање на вработените што не му се по мерка на шефот.
Вчера не се “судеше” на двајца дипломати наши членови. МНР вчера и судеше на слободата на јавната мисла, навлегувајќи во приватните животи на дипломатите и наметнувајќи им се во нивната слобода на избор и говор. МДС никогаш нема да се согласи со создавање клонови и безгласни букви, туку ќе се бори за создавање модерна дипломатија, каде што ќе се форсираат проактивните и иницијативните дипломати со личен интегритет. Токму тие се најдобрата шанса нашата дипломатија да го поврати угледот, разнишан од многуте болни афери.
Македонскиот дипломатски синдикат уште сега ги предлага тројцата дипломати за титулата Дипломати на годината 2020.