петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Македонски музичари: Владата за едни мајка за други маќеа, Србите и Хрватите се изнапеаја, ние останавме без леб

Македонски музичари: Владата за едни мајка за други маќеа, Србите и Хрватите се изнапеаја, ние останавме без леб

Македонските музичари во среда ќе излезат на улица поради најновите мерки на Владата со кои се забранија јавни настапи во угостителските објекти. Според нив е нелогично музиката во угостителските објекти да биде до 55 децибели, кога еден обичен разговор се одвива на околу 60 децибели.

„Најголем проблем не се странските изведувачи, колку што е проблем тоа што не се санкционираат тие што не ги почитуваат протоколите. Јас не знам зошто еднаш не се стави крај во оваа држава“ – вели Владимир Блажев Панчо – музичар.

„Не може за едни мајка за други маќеа. Поради оние кои не ги почитуваа мерките и организираа концерти на музичари од соседството, забранија настапи на сите музичари“ – реагираат македонските пејачи. Дополнително ги револтира она што илјадници музичари останаа без леб, додека цело лето се одржуваа настапи на српски и хрватски пејачи.

„Надлежните институции требаше да донесат универзални мерки за сите. Ако е пандемија, ако нема настапи за домашните, не треба да има и за другите. Вака излезе неправедно спрема нашите уметници“ – вели Благоја Грујовски – музичар.

На најновите анти – ковид мерки реагираа и од Независната угостителска комора. Велат Владата повторно донесе одлука без никаква консултација со угостителите, музичарите и коморите. Најавија дека доброволно ќе ги затворат локалите на две недели.

„Поради десетина неодговорни угостители – Владата одлучила да казни 6500 објекти со над 35 000 вработени“ – пишува во реакцијата на Независната угостителска комора.

Од Комисијата за заразни болести пак зачудени на острата реакција на угостителите. Велат малата промена во протоколите не го ограничувала работењето на угостителите, туку само превенира поголеми собири и настани.

Најнови вести