вторник, 5. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Македонскиот воз тргна кон ЕУ, од Вас зависи со која брзина ќе стигне во Брисел, порача Ван дер Белен

Македонскиот воз тргна кон ЕУ, од Вас зависи со која брзина ќе стигне во Брисел, порача Ван дер Белен

Австрија изразува постојана и силна поддршката за евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, но од самата земја зависи кога ќе ги почне следните чекори во преговорите со ЕУ и колку брзо ќе се приклучи кон Унијата, порача австрискиот претседател Александер Ван дер Белен, кој вчера престојуваше во официјална посета на државава, на средби со државниот врв и во обраќање во Собранието. Од властите апел до опозицијата да се вклучи во процесот на уставни измени и да не ја загоризува македонската европска перспектива, порачувајќи дека државата нема да пропадне ако во Преамбулата на Уставот се додадат три или четири народи кои живеат во земјава.

Ван дер Белен истакна дека патот на евроинтеграцијата на земјава траеше долго, но тој сега е трасиран и од нас зависи кога Северна Македонија ќе ги продолжи чекорите на европскиот пат и колку брзо ќе го изоди.

– Од пред речиси 20 години возот кон дестинацијата Брисел стоеше на железничката станица во Скопје, меѓутоа од јули 2022 година сигналите конечно покажуваат зелено светло и поради тоа ви честитам од срце. Северна Македонија го заслужува ова патување. Возот веќе тргна кон Брисел со скрининг процесот и е на добар пат, но движењето на возот кон Брисел не зависи само од сигналот, туку од постојаното додавање енергија, а за време на патот кон Брисел и Владата и Парламентот на Северна Македонија треба да ја даваат таа енергија, рече австрискиот претседател.

Ван дер Белен потенцира дека е свесен оти патот на земјава кон ЕУ е тежок и ја разбира фрустрацијата поради времетраењето на тој процес, но замоли да не ја „изгубиме целта од вид“.

– Да работиме заедно за скорешен примен на Северна Македонија во ЕУ. Јас можам да гарантирам дека Австија и во иднина ќе ви стои на располагање како сигурен партнер, порача австрискиот претседател.

Обраќајќи им се на пратениците во Собранието, тој ги замоли и охрабри да останат мотивирани и концентрирани, потенцирајќи дека за да може земјава да го продолжи процесот на зачленување во ЕУ, потребно е да се направи следниот чекор кој не е лесен, а тоа е промената на Уставот, согласно Преговарачката рамка усогласена во јули минатата година со сите членки на Унијата.

– Сакам јасно да кажам дека не верувам оти е реалистично дека договорот од јули 2022 година ќе се преговара уште еднаш, рече Ван дер Белен.

Претседателот Стево Пендаровски на зедничката прес-конференција по средбата со Ван дер Белен, истакна дека оние кои мислат дека европската Преговарачка рамка не е добра и дека кога тие би биле во позиција да преговараат би направиле подобра, очигледно не знаат како функционираат механизмите во рамките на ЕУ.

Единствениот пат за да се постигне потребното двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени е да разговарате со луѓето од опозицијата, изјави претседателот Стево Пендаровски на заед

– Ако некој може да испреговара подобра Преговарачка рамка, јас ќе бидам првиот кој ќе му честита на тоа. Меѓутоа ги уверувам да не се обидуваат тоа да го прават денес, утре, задутре, догодина, затоа што нема да има шанса одново да се преговара една работа која е договорена со 27 земји членки на ЕУ, изјави Пендаровски.

Тој порача дека единствен пат за обебзедување на потребното двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени е да се разговара со луѓето од опозицијата.

– Не би сакал да видам каков било друг пристап во постигнувањето на тие две третини и ако влеземе со искрена намера, да се разбереме, ве уверувам дека аргументите се на страната на оние, вклучувајќи ме и мене, кои веруваат дека самата содржина на тој уставен амандман, внесување на Бугарите во нашиот Устав, е бенингна промена и на ниеден начин не ги загрозува македонската сувереност, независност, ниту европскиот пат, рече Пендаровски, додавајќи дека ако не успееме да ја извшиме промената на Уставот повторно ќе бидеме блокирани на европскиот пат, но овојпат по сопствена одлука.

Најнови вести