По Велика Британија, денес Германија, Франција, Холандија и уште неколку европски држави го повлекоа од продажба киндер јајцето како производ, поради инфекција од салмонела.
„Постојат назнаки дека овие производи биле поврзани со избивање на салмонела. Некои од заразените се мали деца“, навела агенцијата во соопштение.
Истрагата која ја водела Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA), јавното здравје на Шкотска, јавното здравје на Велс и Агенцијата за јавно здравје на Северна Ирска, откриле дека постои врска меѓу пријавените случаи на труење со салмонела ширум Британија и киндер јајцата, пренесува „Гардијан“.
Станува збор за чоколадните јајца од 20 грама кои имале рок на употреба меѓу 11 јули и 7 октомври 2022 година. Како мерка на претпазливост, „Фереро“ повлекол производи и на луѓето им се советува да не ги јадат.
FSA соопштила дека сите киндер јајца се произведени во иста фабрика. Се смета дека тоа нема да влијае на другите производи на „Фереро“.
Симптомите на салмонела вклучувале дијареја, грчеви во стомакот, мачнини, повраќање и грозница.
Речиси цела Европа ги повлекува од продажба популарните „Киндер Јајца“
Извори за КУРИР велат дека и една македонска компанија која е увозник на овој производ, вчера добила официјален меил од компанијата „Фереро“ да се повлече од продажба овој производ.
Апропо таа информација денес испративме прашања до Агенцијата за храна и ветеринарство и до министерството за здравство.
Од АХВ велат дека до сега им нема стигнато ништо, а доколку им се пожалат граѓани тогаш би излегле на терен:
Прашање: Како ќе постапи АХВ по соопштението кое го издаде „Фереро“ за случаи на салмонела по консумација на Киндер јајце?
Одговор: Како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) досега нема добиено нотификација дека небезбеден производ чоколадни јајца „Киндер изненадување“од компанијата Фереро се пласирани на пазарот на Република Северна Македонија. Како одговорна институција за безбедноста на храната АХВ ја следи состојбата со превентивното повлекување на овој производ од пазарот на неколку европски земји поради сомнеж за присуство на салмонела и доколку има потреба навремено и соодветно ќе реагира, одговорија од АХВ.
Прашање: Дали во Македонија ќе се направи контрола на овој производ и дали истиот ќе биде повлечен од продажба?
Одговор: Секоја недоследност во однос на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават лично до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, или на бесплатната телефонска линија наменета за потрошувачите 0800 3 22 22 или електронски на [email protected], истакнаа од агенцијата.
Па според овие одговори слободно може да заклучиме дека македонските граѓани ќе треба да се молат некое од нивните деца да не се инфицирало со салмонела.
Од министерството за здравство до овој момент немаме добиено одговор на нашето прашање.
Ристе Здравков